ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Израел ги интензивираше нападите врз Газа, најави дека ќе траат со месеци

15.12.2023 12:20

Судирите меѓу израелската армија и припадниците на Хамас продолжија низ целиот Појас Газа. Обединетите нации предупредуваат дека појасот станува неподнослив за живеење. Во недостиг на вода, локалните жители посегнаа по морето. Во меѓувреме, Тел Авив предупреди, војната може да трае повеќе од неколку месеци...

Војната во Газа го влоши долгогодишниот недостиг од вода во енклавата. За време на офанзивата, санитарната инфраструктура и повеќето бунари за вода се уништени. Тоа ги натера Палестинците да најдат алтернативен извор од морето за секојдневните потреби и покрај здравствените ризици.

„Воопшто нема вода. Принудени сме да ја користиме морската вода. Ни ги урнаа домовите, дури и храна и вода за пиење не можат да се најдат, навистина сме среде големо страдање“, изјави жител на Газа.

„Немаме вода поради војната. Доаѓаме овде да пиеме морска вода иако е нездрава, но ни треба вода, без оглед на нејзиниот извор“, додава друг.

„Немаме каде да одиме освен до морето. Нема друго место да се оди бидејќи бомбардирањето е насекаде. Дури и овде, на морскиот брег, бомбардирањето не следеше“, вели жител на Газа.

Судирите меѓу израелската армија и припадниците на Хамас продолжија низ целиот Појас. Најжестоките борби сè уште се водат на југ и на север. Активностите за поплавување на тунелите на Хамас се во тек. Од милитантната група, велат дека при изградбата на подземниот лавиринт биле земени предвид сите закани.

„Постојат нови борбени методи што ќе ги користиме и ќе ги ликвидираме терористите. Ќе влеземе и на места каде што знаеме дека терористите се дружат и ќе го чекаме вистинскиот момент. Терористите нема да бидат заштитени и под земја“, изјави Даниел Хагари, портпарол на одбраната на Израел.

Сè погласни се меѓународните повици за решение на конфликтот. Американскиот секретар за национална безбедност Џејк Саливан, по Тел Авив, на разговори и во Рамала. Ставот на Белата куќа е дека сегашната фаза на војната треба да заврши за две до три недели. Американскиот претседател го повика Израел да биде внимателен во нападите.

„Сакам да бидат фокусирани на тоа, како да спасат цивилни животи. Не престанувајте да го следите Хамас, туку бидете повнимателни“, порача американскиот претседател, Џо Бајден.

Премиерот на Палестинската управа вели дека администрацијата на Бајден мора да преземе конкретни чекори кон решение за две држави, вклучително и со примена на притисок врз Израел.

 

Маријана Димовска