Здравство

Долги листи на чекање за ехо и мамографија

15.12.2023 12:52

Ехо и мамографија за рана детекција на канцер сè уште се недостапни за многу пациентки. Некои амбуланти со години се оставени без апаратура. Листите на чекање се долги. Со бесплатните скрининзи опфатени само мал број од жените...

Надлежните велат вложуваат во апарати за рана детекција на канцер на дојка, но системот „Мој термин“ покажува нешто друго. Во Скопје и во Штип термин за ехо на дојка и мамографија нема во наредните три месеци, за 21 ден ќе има во хируршката болница Св. Наум Охридски. Системот покажува дека апарати за мамографија има во Радовиш, Велес, Кочани и Неготино, таму терминот е по три дена. Ехо на дојка жените можат да направат во Радовиш, Кочани, Неготино, Македонски Брод и Велес. Чекањето е до 6 дена. Министерот вели, се скрати патеката за упатување.

Државата организира бесплатни скрининг-прегледи со кои се опфатени жени од 45 до 69 години, кои не направиле мамографија во последните 2 години. Но со бесплатен скрининг се опфатени само 1 процент од жените.

Нов дигитален мамограф и ехоапарат за скрининг на рак на дојка во рана фаза доби поликлиниката Гази Баба каде што оваа дијагностика не постои од 2019 година.

 

 

Наташа Јанчиќ Менковски