Двојни аршини на ЕУ кога се работи за глобални интереси, оценуваат дипломатите
Двојни аршини на ЕУ-вака дел од дипломатите ја коментираат одлуката без гласот на Унгарија да бидат отворени пристапните преговори со Украина, а тоа да не биде случај за Македонија. За нас, останува обврската за уставните измени …

Европскиот совет одлучи да почне преговори со Украина и покрај противењето на Унгарија. За Северна Македонија и за Албанија бара исполнување на услови пред отворање поглавја. ЕУ покажа дека Унијата може да донесе политичка одлука и без еден или два гласа кога се работи за глобални интереси, оценуваат македонските дипломати.
„Се надевам Македонија и поради ова што е фактична состојба во Европската унија при одлучувањето, дека многу брзо во наредниот период дури и со проблемите што постојат внатре, односно во односите со еден од соседите, и не само Македонија и целата групација од Југоисточна Европа или Западен Балкан како што не викаат, ќе доживеат, ќе дочекаат момент кога Европската унија ќе заклучи дека приоритет и интерес на Унијата е да пристапат овие земји во ЕУ под некои услови коишто ќе бидат променети и малку различни од досегашните“, изјави Тихомир Илиевски, член на советот на амбасадори.
„Гледате како може кога се сака да се направи нешто. Унгарскиот премиер излезе и се донесе одлука 26 минус еден, што и овозможи на Украина и на Молдавија да ги почнат преговорите. Тоа секако не значи дека утре ќе станат членки, меѓутоа тоа е еден голем чекор“, изјави Ѓорѓи Филипов, член на Советот на амбасадори.
Македонија го доживеа својот втор Букурешт. Во 2008-та во Букурешт беше жртва за влез во НАТО поради Украина, сега повторно поради почеток на преговори со Украина, Македонија не доби отворање на поглавја, смета амбасадорот Боцевски.
„Јасно се разбија сите илузии дека не бил проблемот ниту со Грција, ниту со Бугарија сега, дека проблемот е многу подлабок, дека е многу поклучен, односно дека Европската унија нема донесено одлука за членство на 6-те земји од Западниот Балкан како полноправни членки на ЕУ“, изјави Ивица Боцевски, член на Советот на амбасадори.
Македонските дипломати со став дека евроинтеграцијата останува приоритет и дека мора да се работи на што побрз прием.
Ирина Гелевска
