Интеграции

Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања кој е виновен за неповолниот исход

15.12.2023 14:42

Премиерот Ковачевски тврди заклучокот за Македонија на Самитот во Брисел е кристално јасен – штом се донесат уставните измени, без одложување ќе се свика втората меѓувладина конференција со којашто ќе почне отворање на поглавјата. Тој ја критикува опозицијата, но, уверен дека блокадата ќе биде надмината...

Во Брисел се повтори Букурешт. Блокадата има име и презиме и се вика ВМРО-ДПМНЕ – вака премиерот Ковачевски го коментира исходот од Самитот, каде што земјава не доби зелено светло за отворање на поглавјата, бидејќи тоа е условено со носењето на уставните измени. Но, Ковачевски и натаму е оптимист дека промените во Преамбулата ќе се случат, вели има политички сили кои ќе ја внесат земјата во европското семејство до 2030 година.

Три декади Македонија е жртва на слаби политичари кои не знаат да се изборат за националните интереси. Земјава заслужува почеток на преговорите веднаш, велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде ја обвинија Владата дека води погрешна надворешна политика. Според опозициската партија, наместо да лобира за почетокот на преговорите, во Брисел премиерот Ковачевски ловел руски коалиции.

И Ковачевски и ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија одлуката на Европскиот совет Украина и Молдавија да ги почнат преговорите за пристапување во Европската Унија.

 

Викторија Милевска