Почна откупот на тутунот, тутунари на пунктовите нема
Денеска е законскиот рок за почетокот на откупот на тутунот. Откупувачите ги отворија пунктовите, но таму нема тутунари…

Денеска требаше да почне откупот на тутунот, но иако пунктовите беа отворени, тутунарите ги немаше на процена на родот. До лани беше врвулица. Денешната глетка без тутун-не се памети.
За тутунарите ова е манипулација од откупувачите кои не сакаат да одговорат на барањата за повисоки цени. Освен тоа, родот е преполовен и реколтата тежи околу 13.000 тони.
Тутунарите бараат зголемување повеќе од 20 проценти. Неодамна националната земјоделска мрежа побара по 600 денари за килограм. Моментално се ланските цени од 300 денари за прва, 240 за втора и 180 денари за трета класа.
Во земјава има 10 откупни фирми. Прилепскиот комбинат ги отвори сите 28 пункта за откуп. Неизвесно е до кога ќе биде глетката со празни пунктови и ваги и незадоволни тутунари. Велат, вака се доведува во прашање иднината на тутунопроизводството.
Елизабета Митреска
