„Молитви на моето тело“- балетски спектакл во чест на Ацо Шопов
Со балетската претстава – триптих „Молитви на моето тело“ инспирирана од поезијата на големиот македонски поет, свечено ќе се затвори националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“ со која со низа настани се чествуваше големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура.
Нова балетска премиера и мултимедијален спектакл беа најавени денеска на прес-конференција во „НУ Опера и балет“.
Со балетската претстава – триптих „Молитви на моето тело“ инспирирана од поезијата на големиот македонски поет, свечено ќе се затвори националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“ со која со низа настани се чествуваше големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура.
Со оваа балетска претстава повторно се отстапува простор на тројца македонски кореографи и композитори кои создадоа комплексни и автентични следови вообличени во една целина. Трите дела ги обединуваат креативната сценографија и иновативна драматургија, придружени со современи мултимедиумски компоненти со кои се следат светските трендови.
Идејата за проектот е на костимографот Александар Ношпал за која се инспирирал пред сè од поезијата на Шопов, но и од една од најуспешните претстави на „НУ Опера и балет“ насловена како „Зодијак“ која пред повеќе години имаше извонреден успех кај публиката.
Драматуршката подлошка е на Соња Здравкова-Џепароска која потенцираше дека да се направи драматургија врз поезија е исклучително тешка задача, посебно кога се работи за поезија од бард на современата македонска книжевност. Особено деликатен е напорот литературната матрица да остане доследна на авторот.
Балетската премиера „Молитви на моето тело“ е триптих составен од три едночинки и тоа:
Прва едночинка Циклус Раѓање: Ивана Коцевска на музика на Дарија Андовска,
Втора едночинка Циклус Преплетување: Адријана Данчевска на музика на Александар Гроздановски,
Трета едночинка Циклус Вознес: Саша Евтимова на музика на Александар Пејовски.
Стиховите на Шопов ги интерпретира актерот Никола Ристановски кој исто така е вклучен во изведбата. Неговата специфична, тивка, но ритмична интерпретација во совршен спој се надополнува со музиката и кореографијата.
На прес-конференцијата беше истакнато дека е посебен предизвик да се постави дело на ангажирана тема што е и тренд во светски рамки, а на овој начин нашата културна сцена се приклучува кон светските тенденции.
Несомнено, најкомплексниот дел го имаат играчите чие искуство ќе биде забележано на сцената. Воочлива е и големата моќност на ансамблот. Сосема нов момент се вклучени визуализации, со што се постигнува мултимедијалност која дава дополнителна слоевитост на претставата.
Директорката Олга Панго изјави дека процесот на создавање бил комплексен и голем и најави премиера за паметење.
Премиерата е закажана за 20-ти декември.
Билјана Жеревска
