Помешани чувства по Самитот во Брисел
Задоволство во Киев по одлуката на лидерите на Европската унија, кои на самитот во Брисел решија да отворат преговори за членство на Украина. За претседателот Зеленски, ова е мотив за земјата во којашто беснее војна да ги спроведе реформите. Сепак, чувствата се помешани откако премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, стави вето на помошта од 50 милијарди евра, па Украина ќе добие само мал дел од колачот.

Тивката дипломатија посилна од силното опонирање на унгарскиот премиер за отворањето на европските преговори за членство на Украина. Откако три часа се противел на самитот на лидерите на унијата во Брисел, Орбан бил замолен од германскиот канцелар Шолц накусо да ја напушти салата, за да размисли, по што 26 од 27 членки гласале за пристапните преговори со Киев.
„Еден од лидерите, шведскиот, треба да се посоветува со својот парламент, тоа е вообичаена постапка, и еден од лидерите не се согласи со пакетот на преговорите со Украина, тоа значи дека поддршката беше изрезана од 26-те лидери. Ова е важно за украинската миграција, за фондот за солидарност, за одбраната. Сметам дека испративме многу силен сигнал до украинците, бидејќи покрај отворањето на преговорите со Украина, тоа го направивме и со Молдавија, Грузија доби кандидатски статус, со Босна и Херцеговина ќе ги отвориме преговорите во неделите кои следат откако ќе го добиеме извештајот со можна одлука на комисијата. Ова е историски момент, историски Европски совет“, изјави Шарл Мишел – претседател на Европскиот совет.
„Отворањето на преговорите е лоша одлука, и унгарскиот парламент е во можност да ги запре. Ќе има негативни последици, економски и финансиски. Бидејќи Унгарците нема да плаќаат, нека го прават тоа тие што ја донеле одлуката“, изјави Виктор Орбан-премиер на Унгарија.
Со неа Брисел ја засилува европската надлежност во одбранбената компонента на стариот континент. Првите честитки за одлуките на самитот пристигнаа од Вашингтон, се потврдува транс-атлантското партнерство. Вистинското славење е во Киев, Зеленски коментираше-ова е гласна порака до Путин. За Москва, ставот на Будимпешта не е проруски туку е во интерес на Унгарија.
„Навистина забележителен резултат за Украина и за цела Европа. Следниот чекор е полноправното украинско членство во Европската унија. Со ова ги отфрламе сомнежите. Ова значи огромна работа, да се интегрира државата, сите институции според правилата на Унијата. Ќе го направиме тоа, и ќе има и втора победничка одлука-времето кога ќе го прославиме членството во Европската унија“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
„Унгарскиот не е проруски став, едноставно се совесни и независни за да си ги бранат интересите. Тоа е прашање на односите меѓу Унгарија и Европската унија, воопшто не е наша работа“, рече Дмитриј Песков - портпарол на рускиот претседател.
Задоволство и во Тбилиси, честитки до Киев и Кишињев. Грузија доби кандидатски статус.
„Овој забрзан процес што се случи во Брисел немаше да се случи ако не беше борбата и посветеноста на украинскиот народ во двогодишната брутална војна“, рече Саломе Зурабишвили – претседателка на Грузија.
Таа пак, на само неколку стотини километри оддалеченост, на разурнатата украинска територија во пресрет на зимата продолжува со несмалено темпо.
Зоран Богатинов
