Куманово

Затворот во Куманово доби детско катче и пекарница

17.12.2023 11:32

Детско катче и пекарница доби кумановскиот затвор. Проектите се донација од Европската унија и Советот на Европа. Оттаму ги потсетуваат македонските власти дека сè уште остануваат препораките од Комитетот за спречување тортура коишто, чекаат да се спроведат. Укажуваат дека условите во затворите мора да се подобруваат...

Детско катче и пекарница доби затворот во Куманово. Проектите се донација од Европската унија и Советот на Европа за подобрување на услови во казнено-поправните установи во државата. Станува збор за трето детско катче за дечињата чии родители отслужуваат казна затвор. Целта е да не се чувствува стигмата при влез во ваква установа.

„Работиме на градење на капацитетите и на условите во кои се наоѓаат затворениците, а во овој случај за подобрување на условите за нивните семејства“, изјави Штефан Худолин, шеф на Секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ.

„Во претходните проекти имавме значителна финансиска поддршка, медицинска опрема којашто им овозможи на шест затвори да ја подобрат здравствената заштита дел од донациите е една што е заедно со ЕУ каде Советот на Европа обезбеди и опрема за тренинг центар за персоналот во затворот Идризово“, истакна раководителката на Одделението за кривично-правна соработка на генералниот директор за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа, Тања Ракушиќ-Хаџиќ.

Претставниците на ЕУ ги потсетија властите дека сè уште остануваат препораките од Комитетот за спречување тортура коишто, чекаат да се спроведат.

„Дополнително е значајно што тие постојано вложуваат во едукација на вработените во установите, донесувањето на европски практики во македонскиот затворски систем“, истакна Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции.

Препораките за подобрување на состојбата во затворите рече Стојановиќ не се лесни, но ќе се обидат да ги реализираат.

Во казнено поправната установа затвор Кшање во Куманово во моментов се сместени над 140 осудени лица, капацитетите на оваа установа се над 200, дополнително и одделот за притвор.

 

Елена Георгиевска