Куманово

Неопходни мерки за одржување на занаетчиството

16.12.2023 12:05

Со мерки и искуства од Хрватска да ја подобриме состојбата со занаетчиството кај нас, предлагаат од занаетчиската комора. Потенцираат дека е неопходна поддршка од институциите, пред сè мерки за стручно образование на младите. Дејноста се соочува со сериозен проблем, недостаток на квалификуван кадар...

Занаетчиството е значајно за развојот на економијата, затоа мора да се вложува во него, пред сè во надминување на проблемот со недостиг на кадар, смета претседателот на Занаетчиската комора, Фазлији. Тој информира дека ќе црпат искуство од занаетчиите од Хрватска во креирањето на мерки и политики за развој на дејноста. Потенцира дека мерките мора да се насочат на младите кон стручно образование, за да се надмине проблемот со недостиг на квалификуван кадар.

„Мора да потенцирам дека поддршката која ЕУ ја дава за занаетчиите во Хрватска е на завидно ниво. Се инвестира во училишта каде се развива занаетчиството, засега такво нешто не постои кај нас. Ние упорно бараме да има училишта за практична настава на занаетчиите. Свесни сте дека сè повеќе недостигаат занаетчии и на тој проблем мора да се работи“, вели Фазлији.

Тој укажува дека постојано зборуваат за поддршка од институциите бидејќи е неопходна, за одржливоста, развојот на малиот бизнис.

„Многу е важно да се субвенционираат младите, ама не со исти средства. На пример 5.000 евра субвенција се доволни за фризерница, ама не и за механичарска работилница. Гледајќи го хрватскиот пример, таму се даваат и по 25.000 евра за механичарска работилница за да мајсторите им останат. Мора многу претпазливо да се носат мерките“, вели Фазлији.

Во Занаетчиската комора на ниво на државата се регистрирани над 1.000 занаетчии. Но тие во Куманово немаат ниту свој простор.

Локалната власт подолг период ветуваше дека Занаетчиската комора токму во објектот на занаетчиите ќе добие своја канцеларија како и простор за сувенирница, меѓутоа од ветувањето сè уште нема ништо.

 

Елена Георгиевска