Пратениците ја добија првата плата, меѓу нив и 30 од СДСМ
Се додека спикерот Вељаноски не ги констатира оставките на пленарната седница на 33- те пратеници од СДСМ мандатот им тече...

На 2-ри јуни легна плататата на трансакциските сметки на новоизбраните пратеници. Од тимот на СДСМ од 33, 30 пратеници се пријавиле во Агенцијата за вработување и во понеделникот ја добиле платата.
„Преку агенцијата за вработување се пријавени сите пратеници освен Петре Шилегов, Љубомир Јосифовски и Хари Локвенец. Бидејќи одјавата и пријавата на пратениците се реализира преку Агенцијата за вработување, не би можеле да прецизираме зошто овие тројца пратеници не се пријавени преку Собранието на Република Македонија“. Ова е информацијата што МТВ ја доби од генереланиот секретар на Собранието, Жарко Денковски.
Пратеничката функција се извршува професионално и од денот на верификацијата на мандатот тој треба да побара мирување на претходното работно место или да поднесе оставка. Се додека спикерот Вељаноски не ги констатира оставките на пленарната седница на 33- те пратеници од СДСМ мандатот им тече.
Освен пријавувањето во Агенцијата, пратениците имаат обврска до Антикорупциска да достават податоци за имотната состојба и изјава дека во извршувањето на пратеничката функција, нема судир на интереси.
Првиот антикорупционер Ѓорги Сламков за МТВ вели:
„Според Законот, сите избрани и именувани функционери имаат обврска во рок од 30 дена до Државната комисија за спречување на корупција да достават податоци за имотната состојба, како и изјава дека нема судир на интереси во извршувањето на функцијата пратеник. Последниот рок за доставување на изјавите е 10-ти јуни. Досега околу 50% од новоизбраните пратеници ја испочитуваа обврската. Од пратениците на опозицијата предводена од СДСМ, засега 10 пратеници ги доставиле податоците за имотната состојба, како и изјавата дека пратеничката функција не е во судир со извршување на некоја друга функција.“
Остануваат уште шест дена до последниот рок. Потоа следуваат казни.
Виолета Димовска
