Утре во Србија се одржуваат парламентарни, покраински, локални и избори за град Белград
Во Србија утре се одржуваат вонредни парламентарни избори на кои граѓаните ќе избираат 250 пратеници во српскиот парламент. Покрај парламентарните, граѓаните ќе гласаат и на покраински избори во Војводина, како и на локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград...

По неполни две години, Србија утре, 17-ти декември од 07 до 20 часот излегува на избори на кои 6.500.666 граѓани ќе гласаат на вонредните парламентарни, покраински, локални за 65 градови и општини и избори за градот Белград.
Граѓаните ќе гласаат за 18 изборни листи, а владејачките партии одат одделно на овие избори.
Владејачката Српска напредна странка СНС оди во коалиција со помали партии, како и Социјалистичката партија на Србија СПС на Ивица Дачиќ.
Проевропската опозиција Србија против насилството успеа да се обедини од повеќе партии и оди заедно на овие избори, тоа се сите оние партии што учествуваа на протестите Србија против насилството, за разлика од десницата, која оди одделно на овие избори.
Проценки на овие избори се дека на парламентарно ниво партијата на Александар Вучиќ, СНС, ќе освои мнозинство на овие избори, но енигма е дали ќе освои доволен број на пратеници за да може самостојно да формира влада или ќе мора повторно да коалицира со СПС на Ивица Дачиќ, кој во овој случај ќе биде тас на вагата.
Исто така голема енигма на овие избори ќе биде исходот за изборите за град Белград, бидејќи според анкетите и проценките неизвесно е дали проевропската опозиција Србија против насилството ќе победи или СНС на Вучиќ. И во овој случај тас на вагата е партијата на Дачиќ, СПС, како и десничарските опозициски партии.
Ќе видиме утре како ќе биде гласањето, а првите неофицијални резултати ќе ги имаме нешто после 20 часот.
Инаку, формирањето на идната власт и владата на Србија, според досегашното искуство може да трае и до пролета идната година.
Оливер Бранковиќ
