МАНУ

Годишнина од објавувањето на Абецедарот

16.12.2023 13:06

Историчарите и лингвистите во МАНУ зборуваат за првиот учебник на македонски јазик испечатен за децата Македонци во Грција. Создаден бил со одлука на Друштвото на народите и поради политички притисок не влегол во употреба...

Годишнина од издавањето на Абецедарот ги собра историчарите и лингвистите во МАНУ. Јавно зборуваа за првиот учебник на македонски јазик издаден во Атина, а наменет за децата на Македонците во Грција.

„Абецедарот има тројца автори, но она што е важно за Абецедарот е дека тој требаше да влезе во сила во 1925 година, но под притисок не влегува“, изјави Нада Јурукова, историчарка во пензија.

Иако под политички притисок не влегол во употреба, Абецедарот е создаден со одлука на Друштвото на народите.

„Мојот апел е да се запознае светската јавност, ако досега воопшто не е запозната, каков бил односот на Европа спрема малцинствата, кои што немале дури ни своја држава, пред еден век, ги има предвид Друштвото на народите, кое по Втората Светска војна е унапредено во организација на ОН, нивното инсистирање за признавање на македонското малцинство и македонскиот јазик, кој тие така патем не го именуваат, туку Македонците ги именуваат како славофони“, изјави Елка Јачева-Улчар, лингвист.

Абецедарот е значаен момент во историјата, а забраната за негова употреба уште позначајна, сметаат историчарите, бидејќи според нив, сегашните случувања се само продолжение на политиките и стратегиите уште пред речиси сто години.

„Ова што ни се случува сега е всушност конечно затворање на македонското прашање, отворено од Големата Источна криза, сега се затвора со наводните договори за добрососедски односи со соседите. Позадина се европските сили и меѓународната политика“, изјави Виолета Ачкоска, историчарка.

За две години, на стогодишнината од издавањето на Абецедарот, историчарите најавија пишано дело со критички осврт.

 

Катерина Топалова