Електронска трговија

Во пораст бројот на измами при онлајн купување

17.12.2023 12:50

Со растот на е-трговијата расте и бројот на измами. Поднесени стотици поплаки до Организацијата на потрошувачи. Најчестите измами при кои се оштетени купувачите се квалитетот кој несоодветствува на рекламата, добивање оштетен производ, недобивање гаранција, ниту фискална сметка …

Расте бројот на измами при онлајн купување. До ОПМ и годинава поднесени стотици поплаки. Најголем дел од нив се однесуваат на техничките карактеристики на производите, доставувањето оштетен производ, недобивање гаранција, ниту фискална сметка.

Најчесто измамите се во е-трговијата застапена на социјалните мрежи каде што има огромен број на нерегистрирани трговци.

„Честопати граѓаните се соочуваат со нелегални трговци кои не се регистрирани како правни субјекти, така да тие се потешкотиите. И кога ќе ги купат производите се со сомнителен квалитет или лош квалитет. Честопати не се почитуваат ниту роковите на испорака“, вели професор Горан Попоски.

Измамените граѓани поднесуваат претставки до ОПМ, но за постапка пријава до пазарниот инспекторат или во полиција потребна им е фискална сметка, која најчесто не ја добиваат.

Експертите советуваат да не се оставаат податоци од платежни картици на сомнителни страници. Граѓаните пак, сведочат дека биле измамени.

„Квалитетот не е добар, едно на слика друго ти праќаат по пошта“.

„Добив јас еднаш така во кутија, нарачан фустан, кога го отворив испадна навистина лош материјал за на дожд“.

„Се случува и слушам дека се случуваат такви работи“.

И покрај измамите е-трговијата последните години бележи глобален раст. Вредноста на вкупните трансакции направени кон интернет продавниците во земјава и странство, во првите три месеци од 2023 година изнесува 10,3 милијарди денари, односно бележи пораст од 20.7% во однос на истиот период лани.

 

Соња Рилковска