Г7 повикува на заеднички договор за решавање на украинската криза

04.06.2014 19:09

Средбата што требаше да се одржи во Сочи, со Русија како осма членка, се одржуваво Брисел, откако седумката реши да ја исклучи Москва по анексијата на Крим...

Самитот на седумте најразвиени земји во светот во Брисел ќе мине во знакот на разговорите за Русија и Украина, порачаа претседателите на Европскиот совет, Херман Ван Ромпуј и Жозе Мануел Баросо.

На заедничка конференција за печатот во пресрет на вечерашниот самит, тие укажаа на потребата за заеднички одговор на предизвиците кои произлегоа од украинската криза. Ромпуј ја истакна потребата Русија да почне да соработува со владата во Киев, да ги повлече своите трупи од границата и да го запре преоѓањето на вооружените групи од Русија во Украина.

Инаку, средбата што требаше да се одржи во Сочи, со Русија како осма членка, се одржуваво Брисел, откако седумката реши да ја исклучи Москва по анексијата на Крим.

„Руската анексија на Крим го направи ова неизбежно. Г8 не е само економско партнерство, туку и партнерство кое дели заеднички вредности. Меѓу нив е и почитувањето на меѓународното право“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија.

Баросо порача дека Европската комисија подготвува нови мерки за Русија кои ќе ги примени во случај ако дојде до ескалација на моменталната криза.

На средбата на американскиот претседател Обама со неговиот украински колега Порошенко во Варшава била потенцирана американската поддршка за Украина во нејзините напори да стане независна од Русија.

Освен за состојбата во Украина, лидерите на Г7, вечерва и во текот на утрешниот ден ќе разговараат и за економијата, а меѓу главните теми ќе биде и енергетската зависност од рускиот гас.

Самитот ќе почне со неформална вечера, а за утре е најавена заедничка прес конференција на американскиот претседател Обама и британскиот премиер Камерон.

 

Марина Автовска