Политика

Европската блокада продолжува да биде тема на обвинување меѓу власта и опозицијата

16.12.2023 15:32

Се препукуваат околу европската блокада, тактизираат за техничка влада. Во најава средба Ковачевски-Мицковски. СДСМ вели проевропскиот фронт ќе однесе победа на изборите. ВМРО-ДПМНЕ вели власта се обидува да направи манипулации за пратеник плус. Се чека опозициската партија да се изјасни дали ќе учествува во извршната власт на чие чело 100 дена пред избори ќе биде Талат Џафери...

Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште дефинитивно не одлучиле дали ќе учествуваат во техничката Влада. Премиерот Ковачевски најави дека ќе разговара со Мицкоски за Владата, 100 дена пред избори. Потпретседателот Николоски вели дека сериозно се размислува за натамошните чекори кои како опозиција би ги презеле бидејќи, како што изјави, се поизвесно е дека СДСМ и ДУИ се обидуваат да изманипулираат, за да добијат пратеник повеќе. Според него, тоа се гледа и преку обидите на власта да не се избере член на ДИК од албанскиот опозициски блок. Во меѓувреме продолжуваат меѓусебните обвинувања по статус кво ситуацијата за Македонија во однос на евроинтеграциите. Фактот што Македонија е блокирана е резултат на слабата меѓународна политика на власта, став на ВМРО-ДПМНЕ.

За тоа што Македонија не ги отвори поглавјата од преговорите со Европската Унија, СДСМ за директен виновник ја посочи ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, социјалдемократите убедени дека проевропскиот фронт ќе ја однесе победата на следните избори.

Неизвесно е и дали ДИК ќе се комплетира со уште еден член. Најдоцна до понеделник попладне лидерите на опозициските партии на Албанците ќе треба до спикерот Џафери да достават предлог за член на ДИК. Комисијата за избори и именувањата утврди список со пет кандидати. Изборот се врши на пленарна седница со двотретинско мнозинство. Извесно е дека Талат Џафери е кандидат за технички премиер, а неговата позиција во Собранието ќе ја преземе Јован Митрески од СДСМ.

 

Милчо Велески