Политика

Власта и опозицијата во клинч по неуспехот за отворање на преговарачкиот процес

17.12.2023 14:50

Единствен кочничар на државата е анти-ЕУ и анти-НАТО коалиција на ДПМНЕ и Левица, велат од СДСМ. Според опозицијата, Македонија не е подготвена за преговори поради високото ниво на криминал и корупција во врвот на власта...

Кој е кочничарот на евроинтеграциите? Власта и опозицијата во клинч по неуспехот за отворање на преговарачкиот процес. СДСМ виновникот го гледа во ВМРО-ДПМНЕ која според нив го попречила патот кон Брисел со блокадите во Собранието, иако земјава имала успешен скрининг и заштитен македониски јазик и идентитет.

Преговорите не почнаа поради високото ниво на криминал и корупција во врвот на владата, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Според опозицијата, попустливоста на власта во надворешната политика, земјава ја чини ново столче во чекалната на ЕУ.

И додека власта се надева дека уставните измени ќе ги истурка во релативно кратки рокови, а опозицијата неприфаќа промени под како што вели – бугарски диктат, дел од помалите политички партии веќе имаат скроена програма како да ја придобијат довербата на граѓаните на пролетното одмерување на силите. ДОМ ќе преговара за коалиција со СДСМ, но ќе инсистира на прифаќање на нивните програмски приоритети.

Засега е извесно дека на 100 дена пред изборите ќе има техничка влада. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе со министри и заменици, ќе решаваат органите на партијата.

 

Анита Димитријевска - Велковска