Нетанјаху: Израел ќе продолжи да се бори до крај во војната со Хамас
Тел Авив ја призна вината за убиството на тројцата заложници. Одговорноста ја презеде началникот на генералштабот на војската Херзи Халеви. Забрането е да се пука во оние кои креваат бело знаме и бараат да се предадат. Семејствата на заложниците со апел до израелската влада да ги прекине борбите и да преговара за нивно ослободување...

Израел ќе продолжи да се бори до крај во војната со Хамас, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тел Авив би можел да биде под дополнителен притисок да ги намали големите борбени операции, но Нетанјаху е дециден дека продолжуваат до целосно уништување на Хамас.
„Ќе ги постигнеме сите наши цели- елиминација на Хамас, ослободување на сите наши заложници и ветување дека Газа повторно нема да стане центар на терор. Ќе продолжиме да се бориме до крај, за доброто на паднатите и за сигурност на нашите животи овде во земјата на Израел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Висок функционер на Хамас, пак, повтори дека нема да има дополнителни ослободувања на заложници додека војната не заврши и Израел не ги прифати условите на милитантната група за размена.
„Ако овој непријател сака да ги врати во татковина своите затвореници кои отпорот ги држи живи, тоа ќе се случи само по целосно прекинување на агресијата проследена со преговори во согласност со условите на отпорот“, изјави Осама Хамдан, член на политичкото биро на Хамас.
При средбата на израелскиот министер за надворешни работи Коен и француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона, Франција со повик за итно примирје и прекин на огнот.
„Мислиме дека е неопходно итно примирје, што ќе овозможи да се постигне напредок кон прекин на огнот за ослободување на заложниците, за да се овозможи пристап и испорака на поголема хуманитарна помош за настраданото цивилно население“, изјави Кетрин Колона, министерка за надворешни работи на Франција.
„Дозволете ми да ја потсетам меѓународната заедница дека прекинот на огнот на 6-ти октомври беше брутално прекршен од Хамас. Повикот за прекин на огнот сега е подарок за Хамас. Тоа нема да помогне во ослободувањето на заложниците и ќе нè врати во тажната реалност што ја живеевме на 6-ти октомври. Израел нема намера да почне уште еден фронт на нашата северна граница, но ќе сториме сè што е потребно за да ги заштитиме нашите граѓани“, изјави Ели Коен, министер за надворешни работи на Израел.
Додека траат апелите, средбите и изјавите, на боиштето не запира пролевањето крв. Експлозии, мртви и урнатини.
„Слушнавме експлозија и истрчавме да видиме што се случило. Ја најдовме куќата на нашиот сосед погодена. Беше на четири ката. Имаше загинати и повредени. Едно лице загина синоќа и само го извлекоа телото“, изјави Фарид Абу Лули.
Израелско-палестинскиот конфликт трае повеќе од два месеца. Паралелно и протести со барање за ослободување на заложниците во Газа.
Катерина Топалова
