Регион

Вучиќ прогласи убедлива победа на изборите во Србија

18.12.2023 09:50

Српската напредна партија на Вучиќ прогласи победа на парламентарните избори. Опозициската коалиција „Србија против насилство“ не ги признава резултатите…

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа објави дека коалицијата „Србија не смее да запре“, предводена од неговата Српска напредна партија, на изборите освоила апсолутна победа на републичко и на покраинско ниво. Очекува да ја формира власта и во Белград.

Вучиќ соопшти дека основа на 76 проценти преброени гласови, без резултатите од Косово и Метохија, неговата листа сигурно ќе има повеќе од 127 мандати и апсолутно мнозинство во Парламентот на Србија.

На изборите за Собранието на Војводина, Вучиќ кажа дека „Србија не смее да запре“ ќе освои меѓу 67 и 69 пратенички места, а заедно со нивниот традиционален партнер Сојузот на војвоѓанските Унгарци и со СПС, може да се достигне бројката од 84 пратеници.

Што се однесува до Белград, тој рече дека мнозинството за формирање на градската власт ќе зависи од Бранимир Несторовиќ, но оти е сигурен дека градоначалник повторно ќе биде Александар Шапиќ.

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, пак, изјави дека не е задоволен од изборните резултатите и дека, според негово лично мислење, треба да се најде нов лидер на СПС.

Опозициската коалиција „Србија против насилство“ не ги признава резултатите и обвини за кражба на гласови во Белград. Велат дека имаат 21.000 гласови помалку од СНС, но само затоа што 40.000 луѓе без легално престојувалиште во главниот град организирано биле донесени на гласање за да ја поддржат владејачката листа. Таа бара поништување на изборите во Белград и најави протест за денеска во 18 часот.