ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израелската војска откри бетонски тунел на Хамас долг 4 километри

18.12.2023 09:55

Израелската војска открила невообичаено голем бетонски тунел долг 4 километри за транспорт на автомобили на борците на Хамас. Висок функционер на милитантната група изјави дека разговорите за ослободување на заложниците ќе продолжат, откако Израел ќе престане со воените операции …

Продолжуваат жестоките битки во Појасот Газа. Во напади врз бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Газа, загинаа 90 Палестинци. Од израелската војска објавија дека напредуваат на фронтот. Само во саботата нападнале најмалку 200 локации на Хамас. Велат дека големата тунелска шахта ископана во Газа во близина на главниот премин со Израел е подземен град на теророт.

„Ова не е обичен тунел. Тоа е град. Подземен град на теророт кој Хамас го ископал и изградил наместо да инвестира пари во жителите на Газа. Откриениот тунел, меѓу другото, се користеше и за изведување офанзивни активности против нашите сили во Појасот Газа. Пред неколку дена, терористите исто така беа идентификувани во тунелот и беа елиминирани од страна на израелските одбранбени сили“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Од Хамас велат дека ќе ги продолжат разговорите за ослободување на заложниците откако Израел ќе престане со воените операции. Француската министерка за надворешни работи повика на итно примирје за време на нејзиното патување во Израел и окупираниот Западен Брег во неделата, каде што се сретна со израелските и палестинските власти.

„Систематските бомбардирања предизвикуваат премногу страдања. Израел мора да го зачува животот на цивилното население како што бара меѓународното право и мора да се заложи за прекин на огнот. Заложниците мора да бидат ослободени и мора да се дозволи влез на помош во многу поголеми количини“, изјави Кетрин Колона, министерка за надворешни работи на Франција.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин кој одново патува во Израел, нареди екипажот на носачот на авиони Џералд Форд и уште еден воен брод да останат во Средоземното Море уште неколку недели за да го задржат присуството на двата носачи во близина на Израел поради војната со Хамас.

 

Маријана Димовска