КОРЕЈСКИ ПОЛУОСТРОВ

Северна Кореја тестираше две балистички ракети со долг дострел за неколку часа

18.12.2023 12:35

Обновени тензии на Корејскиот полуостров. Северна Кореја истрела балистичка ракета со долг дострел при втор ракетен тест за неколку часа. Вашингтон, Сеул и Токио со осуда за акциите на Пјонгјанг оценувајќи дека ја зголемуваат заканата за мирот и стабилноста...

Северна Кореја истрела балистичка ракета со долг дострел при втор ракетен тест за неколку часа. Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно станува збор за интерконтинентална балистичка ракета, способна да прелета повеќе од 15.000 километри и да погоди цели на американска територија. Вашингтон, Сеул и Токио со осуда за акциите на Пјонгјанг, оценувајќи дека ја зголемуваат заканата за мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и меѓународната заедница.

„Како што знаете, Северна Кореја лансираше ракета синоќа. Утрово тие лансираа уште една балистичка ракета. Силно ги осудуваме овие дејствија, кои јасно ги кршат резолуциите на Советот за безбедност на ООН и го загрозуваат регионалниот мир и стабилност во регионот“, изјави јапонскиот премиер, Фумио Кишида.

Јужнокорејската војска соопшти дека ракетата прелетала околу 1.000 километри, пред да заврши во водите меѓу Корејскиот полуостров и Јапонија. Ракетата била лансирана под агол со кој се избегнуваат соседните земји, а е тешка провокација што го загрозува меѓународниот мир.

„Нашата војска силно ја осудува провокацијата на Северна Кореја која ја зголемува тензијата на Корејскиот полуостров и регионот, и бара од Северна Кореја веднаш да престане со таквите акции. И покрај нашето постојано предупредување, Пјонгјанг континуирано спроведува заканувачки провокации. Ја предупредуваме Северна Кореја дека ќе биде одговорна за сè што се случува“, изјави Ли Сеунг О, началник на заеднички штаб, директор за операции.

Тензиите на Корејскиот полуостров се на највисоко ниво во последните неколку години. Ким Јонг Ун го забрза проширувањето на нуклеарната ракетна програма. Дополнителна загриженост за меѓународната заедница се и блиските врски меѓу севернокорејскиот лидер и рускиот претседател. Сè погласни се тврдењата дека Москва добива оружје во замена за технологии што ги нуди на Пјонгјанг. И двете страни ги негираат наводите.

 

Маријана Димовска