Тетовчани мака мачат со дивата депонија

05.06.2014 10:47

Проблемот со дивата депонија за тетовчани се уште не е решен. Тие и натаму се соочуваат со непријатната миризба и со реата што се шири наоколу. Се бара нова локација за што посебно се интересираат и општината и ресорното Министерство...

Сеуште се бара решение за претоварната станица за отпад која се наоѓа на излезот од Тетово кон Скопје. Спорна е нејзината локација во близина на градот. Сеуште трае постапката за наоѓање ново место на кое ќе се претовара тетовскиот отпад.

„Што се однесува до депонијата знаете дека има отворено една постапка. Седница ќе имаме во вторник или во среда на која ќе се одлучи за понатамошните чекори“, изјави Абдулаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.

Решение за депонијата е наоѓање нова локација на која ќе се изгради претоварна станица од затворен тип.

„Можам да кажам уште еднаш дека ние со фактот дека за 2014 година имаме одвоено буџет за таа намена, секако дека работиме на тоа да најдеме соодветна локација на која би имале претоварна станица од затворен тип“, рече Теута Арифи, градоначалник на Тетово.

Дивите депонии се чести и по Шар Планина, а сеуште трае и постапката за нејзина заштита.

„Во програмата за работа на министерството е да се заштити дел од Шар Планина, односно да се прогласи за национален перк. Се надевам дека за година до година и пол Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк“, најави Абдулаќим Адеми.

Овие ставиви беа дел од конференцијата „Заштита на животната средина како заедничка вредност во општина Тетово“. Целта беше менување на свеста кај граѓаните за екологијата и превземање конкретни чекори за подобрување на состојбите во оваа област, по повод 5-ти јуни Светскиот ден за заштита на животната средина.

 

Зоран Јованоски