Голема кашлица се шири во соседството, два случаи и во земјава
Два случаи на голема кашлица во земјава која извесен период го погоди соседството. Епидемиолозите предупредуваат на внимателност поради тоа што десет години по имунизацијата организмот ја заборава вакцината. Од Комисијата за заштита од заразни болести ја следат состојбата...

Големата кашлица се шири во соседството и ги полни ординациите. Секојдневно се регистрираат пациенти со брзи и силни напади на кашлање во траење и до 2 минути, кои се повторуваат и го исцрпуваат заболениот. А се почнува како обична настинка, со течење на носот, со поткашлување, може да е проследена и со температура. Големата кашлица ја има и кај нас.
Епидемиолозите велат мора да бидеме внимателни. Десет години по имунизацијата организмот го заборава имунитетот стекнат од вакцина. Болеста се пренесува капково преку контакт со заболен.
Епидемиологот вели дека со брисови од нос и грло може да се докаже присуството на бактеријата која ја предизвикува големата кашлица која за новороденчиња и лица со коморбидитет и со респираторни проблеми може да е животозагрозувачка.
Од Комисијата за заразни болести потсетуваат дека ваквите случаи докажуваат колкав голем дострел во медицината се вакцините.
Наташа Јанчиќ-Менковски
