Македонија-Бугарија

Габриел: Уставните измени не се единствен услов за Скопје

18.12.2023 16:54

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел вели дека услов за продолжување на нашиот европски пат не се само уставните измени, туку и почитување на договорот за добрососедство и двата протоколи. Според власта, единствен услов се уставните измени...

Бугарија и го мери напредокот на Македонија и смета оти земјава не направила доволно за договореното. Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел од Собраниската комисија за прашања на Европската унија, Шенген зоната и еврозоната, порача дека на патот кон ЕУ за Македонија не се само Уставните измени, туку и Договорот за добрососедство како и двата Протоколи.

„Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречениот компромис од јули 2022 година. Вистината е дека направивме две технички средби – една во јули во Софија, една во октомври во Скопје – и за жал, утврдуваме дека по нив нема напредок. Ние сме земјата-членка на ЕУ и како земја-членка со своите барања кон Македонија кажуваме дека кога сакаш да бидеш членка на ЕУ, треба да ги исполниш барањата кои ти самиот си ги презел“, изјави Марија Габриел, вицепремиерка и министерка за надворешни работи на Бугарија.

Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет. Маричиќ контра бугарската политичарка. Тој потсетува оти во европскиот документ стои дека штом се направат уставните измени веднаш, без никакво натамошно одлагање и без нова политичка одлука, што е многу важно, ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер.

„Изјави имало порано ќе има и понатаму, но нам ни е битно што пишува во заклучоците на Европскиот совет. Секако во поширока смисла договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се ставени во преговарачката рамка како дел од добрососедските односи така што ние ниту сме кажале дека тоа нема да се почитува ниту сме кажале дека некој од нашите договори со соседите нема да се почитува. И тоа ќе биде како прашање до крајот на преговорите. Протоколите што се потпишани се спроведуваат и треба да се спроведуваат. Но, тоа не е услов за отворање на првиот кластер. Единствен услов за отворање на првиот кластер се уставните измени и тоа јасно го пишува во заклучоците на Европскиот совет“, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер за евроинтеграции.

Ваквите изјави, како на Габриел, за Маричиќ се само политички ставови.

 

 

Катерина Топалова