Србија

РИК до 20 часот со прелиминарни резултати, опозицијата од 18 часот со протести

18.12.2023 19:04

Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ прогласи победа на изборите со освоени над 46 проценти од гласовите. Ама, опозициската коалиција „Србија против насилството“ не ги признава резултатите. Смета дека изборите биле недемократски и почна со протести...

Републичката изборна комисија сеуште ги брои гласовите и до 20 часот ќе излезе со прелиминарни резултати. Вучиќ и СНС уште од синоќа прогласија апсолутна победа на овие избори, додека пак проевропската опозиција „Србија против насилството“ не ги признава изборните резултати, побара поништување на изборите, но само за градот Белград и почна со протести пред Републичката и Градската изборна комисија. Ова е денешниот епилог по вчерашните избори во Србија.

Според 80% обработени податоци на РИК, СНС освои 127 пратеници од 250 колку има српското собрание, со што може комотно сама да формира Влада. Србија против насилството има 65 мандати, Дачиќ ќе има 18 пратеници, најголемото изненадување Бранимир Несторовиќ освои 13 мандати и колку ќе има и ДСС.

Претседателот Вучиќ, уште од синоќа ја прогласи победата.

Најголема борба се водеше за власта во градот Белград, каде според Градската изборна комисија СНС води со 49 одборници, и Србија против насилството со 42 одборници, со што им фалат одборници од другите партии, од Дачиќ или Несторовиќ за градското собрание кое брои 110 одборници.

Но, опозицијата излезе со став дека изборите за градот Белград се украдени, со 450 кршења на бирачки права, масовно гласање, 40.000 новосоздадени лични карти пред изборите на лица кои не живеат во Белград, посочувајќи ја Арена како „собирен центар на фантомски гласачи“ пред сè од Република Српска.

Според нивното броење гласови во Белград, листата на СНС имала 21.000 гласови повеќе од нив. Затоа не ги признаваат изборните резултати, побара поништување на изборите, но само за градот Белград, како и прочистување на бирачкиот писок за Белград и почнаа вечерва со протести пред Републичката и Градската изборна комисија.

Конечните изборни резултати, поради жалбите, можното прегласување и протестите на опозцијата, во Србија може да потрајат и со недели, како што беше случај со претходноте избори во 2022 година. Шест месеци се чекаше формирањето на нова Влада.

За признавање на изборните резултати, ЕУ чека на извештајот на ОБСЕ според кои „имало озбилни проблеми и е приметено групно гласање“. Русија веднаш ги призна реултатите и му честиташе на Вучиќ.

 

 

Оливер Бранковиќ