Регионална соработка за зголемување на безбедноста на Балканот
Регионалната соработка е гаранција од безбедносните закани на Балканот, а во истовреме широко ги отвора портите за влез во ЕУ и НАТО. Ова е мислењето на експертите од регионот кои учествуваат на 5-тата Меѓународна научна конференција посветена на ризиците по безбедноста на државите во регионот која се одржува во Охрид...

Без регионална соработка не може да има превенција од било која безбедносна закана,без разлика дали се работи за транснационален организиран криминал,тероризам или природни катастрофи.Затоа балканските земји треба да развиваат нови модели на соработка во областа на безбедноста,кои ќе придонесат тие подготвено да влезат во системите на ЕУ и НАТО.Ова е мислењето на експертите кои учествуваат на меѓународната конференција во Охрид.
„Земјите од регионот не се доволно моќни да влијаат на меѓународните односи и да се занимаваат со значајните геополитички и геостратешки прашања.Затоа тие треба да се свртат кон квалитетот на животот на граѓаните,нивниот опстанок,развојот и регионалната соработка,прашања кои ќе ги отворат вратите на ЕУ и НАТО“, изјави проф. д-р Младен Бајагиќ од Србија.
„Сите фактори на Балканот треба да разберат дека отворената комуникација и дијалогот треба да бидат обединувачкиот фактор“, вели проф. д-р Николај Палашев.
Влегувањето во ЕУ и НАТО се витални интереси за земјите од регионот,а до таа цел побрзо ќе стигнат само со поголема меѓусебна соработка.
„Мислам дека онаа синтагма за Западен Балкан како буре барут треба да се надминува и мислам дека науката е таа која што ќе даде придонес во однос на ова прашање“, рече проф. д-р Оливер Бечановиќ, декан на Факултетот за безбедност- Скопје.
Експертите сметаат дека стратегиска цел на земјите од регионот е влегувањето во ЕУ и НАТО бидеќи на тој начин ќе им бидат загарантирани рамноправната соработка, политичката независност и територијалниот интегритет, но и дека на тој начин ќе биде зациментирана стабилноста во овој дел на Европа.
Сашо Нелоски
