ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Вашингтон и Катар работат на договор за крај на војната и ослободување на заложниците

19.12.2023 10:22

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска треба да расправа за повикот за прекин на огнот во Појасот Газа, откако претходно САД ставија вето на предлог-резолуцијата. САД работат на нов договор за ослободување заложници во замена за привремен прекин на огнот во Газа. На терен битките продолжуваат. Борби се водат во северниот дел на Газа...

САД работат на нов договор за ослободување заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, тврди Вашингтон.

„Работиме навистина напорно во обид да постигнеме друг договор, кој секако би бил проследен со уште една хуманитарна пауза и дополнителна помош.

Поддршката за Тел Авив пристигна и од американскиот секретар за одбрана Остин, кој упати порака дека ќе обезбедат поддршка за одржување на безбедноста на Израел.

„Хамас никогаш повеќе не треба да може да проектира терор од Газа во суверената држава Израел, а ние ќе продолжиме да работиме заедно за побезбедна, посигурна иднина за Израел и посветла иднина за Палестинците“.

Хамас го обвини Израел дека со помош на САД сакаат да ги истераат Палестинците од Газа.

„Единственото искуство што САД и го пружија на оваа армија е убивање жени и деца, уништување домови, болници и училишта“, изјави Осама Хамдан, член на Хамас.

Хамас повтори дека палестинската група нема да ослободи ниту еден заложник додека не заврши војната во Газа. Објавија видео на тројца заложници, за кои Израел рече дека снимката ја покажува бруталноста на терористите и побара светот да дејствува.

„Снимката ја покажува бруталноста на Хамас кон невини стари цивили на кои им е потребна медицинска помош. Светот мора да дејствува за да им испорача лекови и да ја провери нивната состојбата. Имаме морална обврска да направиме сè за да ги вратиме заложниците дома“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Во истовреме, израелската одбрана продолжи со офанзивата. Откриен најголемиот тунел на Хамас долг четири километри преку кој терористите го минувале граничниот премин Ерез. Советот за безбедност на Обединетите нации на одложено гласање за нацрт-резолуцијата со која се повикува на „одржлив прекин на огнот“ во појасот Газа за да се даде повеќе време за одговор на приговорите од САД.

 

Бојана Крстевски