Деспотовски: Одамна ја заслуживме поддршката и фондовите од ЕУ
Деспотовски побара и конкретна одговорност за оние институции кои не си ја извршуваат функцијата поради што имаме критики и од ЕУ и од граѓаните.

„Предолго време седиме надвор и ги пропуштаме шансите да бидеме подобри. Можеме да бидеме подобри како и сите останати пред нас што станале подобри ако добиеме финансиска поддршка и пристап до фондовите од ЕУ. Ние пред 20 години бевме поспремни за во ЕУ од Бугарија и Романија, но влегле во процесот и преговарале, а меѓу време добивале и финансиска поддршка. Оттука незадоволството и дилемата за ЕУ се сосема оправдани и ги разбирам и не се фер. Коментирам како граѓанин. Ако сакаме да одиме чекор понапред ете и да ја завршиме домашната задача за уставните измени мора да имаме конкретна политичка волја од ЕУ дека целта е 2030 година и да не се бараат дополнителни услови и без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ е на власт“, изјави Јован Деспотовски, директор во ТИРЗ во ТВ гостување.
Според Деспотовски, преговарачката рамка и ставот и заклучоците на Советот се многу јасни, а Македонија не преговара со Бугарија туку преговара со Европската Унија, а изјавата на вицепремиерката на Бугарија, Марија Габриел е „очекувано разочарување“.
Деспотовски побара и конкретна одговорност за оние институции кои не си ја извршуваат функцијата поради што имаме критики и од ЕУ и од граѓаните.
„Имате сет на институции кои не функционираат, или се заглавени во време од пред 15 до 20 години кога работите функционираа поинаку и поради тоа не постапуваат. Имате 80% од институциите кои не знаете ни кој ги раководи, а камоли што (не) сработеле. Одговорноста има име и презиме и треба јасно да се каже кој е, и да си ја понесе одговорноста за тоа“, порача Деспотовски.
Според него клучно на следните избори е јасно да се посочи што од ветеното е остварено, а што не и да се направи чекорот понатаму за да се оди кон поставената цел.
