Првични резултати од изборите во Србија, опозицијата протестира
Додека Републичката изборна комисија се чека да ги соопшти конечните официјални податоци за изборите во Србија, Вучиќ прогласи победа на парламентарните, покраинските, локалните и изборите во Белград. Неколку стотици приврзаници на српската опозиција се собраа синоќа пред Републичката изборна комисија во Белград…

Републичката изборна комисија и Градската изборна комисија ги прогласија синоќа прелиминарните изборни резултати со кои се потврди победата на сите нивоа на СНС на Александар Вуќиќ, а паралелно со седницата на РИК, опозицијата и голем број граѓани со доказни материјали бараат поништување на изборите, но само за Град Белград.
Според РИК од 96,68 отсто преброени гласови, листата СНС има освоено 46,71 отсто и има мнозинство во српскиот парламент. Опозицијата „Србија против насилството“ освои 23,58 отсто од гласовите, што е поголем успех од пред две години. Во Парламентот влегуваат и СПС со 6,57 отсто гласови, ДСС со 5,03 гласови и листата на Бранимир Несторовиќ со 4,69 отсто од гласовите.
И ГИК ги објави прелиминарните резултати според кои СНС освои 49 мандати, опозицијата-42 одборници, ДСС – 7 мандати, а Несторовиќ и Дачиќ по 6 одборници, според што никој од нив го нема потребното мнозинство за градска власт.
Седницата на РИК се одржа во тензична атмосфера, поради блокадата и протестите на коалицијата „Србија против насилството“, кои дојдоа со доказни материјали за изборна кражба и поништување на белградските избори, со почетокот на штрајк со глад на носителите на листата Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ во самиот РИК и обидот на лидерите на опозицијата да ја блокираат работата на РИК.
„Дојдовме да предадеме доказни материјали, имаме стотина забелешки и сè уште се пишуваат. Ние како пратеници ќе останеме тука, бидејќи јас и Мирослав Алексиќ започнуваме штрајк со глад“, изјави Мариника Тепиќ, носител на изборна листа „Србија против насилството“.
Од РИК реагираа на притисокот, насилството на опозицијата и физичкиот напад на нивни членови.
„Свесно се занемарува фактот дека РИК не е орган за спроведување на Белградските избори, туку тоа е Градската изборна комисија на градот Белград, и со тоа РИК не може да биде второстепен орган, како што тврди опозицијата, туку тоа е, согласно законот-Вишиот суд во Белград“, изјави Владимир Димитријевиќ, претседател на РИК.
За време на протестите на опозицијата, се огласи и претседателот Александар Вучиќ, кој афирмирајќи ги победничките резултати на СНС, кажа дека тие не можат сами да ја формираат градската власт и најави можност за нови избори за град Белград.
„СНС заедно со СПС на Дачиќ имаме 54 мандати, само еден недостасува да имаме исто како опозицијата. Но, ако Несторовиќ не подржи никого, тогаш ќе имаме повторени избори за град Белград“, рече Вучиќ.
Она што засега најмалку е спорно се парламентарните избори, а опозицијата и за вечерва најави протести пред РИК.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
