Кина

Земјотрес од 6,2 степени по Рихтер ја погоди Кина, стотици загинати и повредени

19.12.2023 14:51

Силен земјотрес од 6,2 рихтера што ја погоди северозападна Кина. Стотици загинати и повредени. Пекинг издвои 28 милиони долари од фондот за помош при природни катастрофи и средствата ги ставија на располагање на погодените провинции...

Стотици загинати и повредени во силниот земјотрес од 6,2 рихтера што ја погоди северозападна Кина. Разурнати се куќи, патишта, а свлечишта затрупаа половина село. Билансот на загинати и исчезнати постојано се зголемува. Операциите за спасување се отежнати поради ниските температури. Се расчистува теренот во провинциите Гансу и Шјингхаи. Во меѓувреме регистрирани се неколку последователни потреси.

„Земјотресот предизвика 195 жртви во градот Хаидонг. 182 се повредени, а 20 се водат како исчезнати. Спасувачката операција е во тек“, изјави Ванг Вен, член на општинската влада Хаидонг.

Потресот предизвика огромни штети. Голем број домаќинства се останати без телекомуникации и електрична енергија. Властите за вонредни состојби во Гансу упатија апел за дополнителни 300 работници за операции за пребарување и спасување.

„Земјотрес со јачина од 6,2 степени и длабочината од 10 километри. Оштетени се 4.782 куќи“, изјави Хан Шуџун, портпарол на управувањето со итни случаи во провинцијата Гансу.

Пекинг издвои 28 милиони долари од фондот за помош при природни катастрофи и средствата ги ставија на располагање на погодените провинции. Најсмртоносниот земјотрес во Кина во последните децении беше регистриран во 2008 година, во провинцијата Сечуан кога во земјотрес од 8 степени по Рихтер загинаа 70.000 луѓе.

 

Маријана Димовска