Легендарниот јапонски иноватор во електронската музика Kouhei Matsunaga вечерва ќе настапи во Скопје
Kouhei Matsunaga е култен продуцент, илустратор и звучен иноватор кој своето време го поминува помеѓу родениот град Осака (Јапонија) и Берлин...

Скопскиот колектив BTKRSH се главните виновници за предстојаната вечерашна техно забава која ќе се случува под отворено небо во добро познатиот клуб Капан Ан, сместен во срцето на Старата скопска чаршија. Водич на музичкото патување ќе биде јапонецот Kouhei Matsunaga, кој ќе се претстави со техно проектот NHK'Koyxen, кој настанал при соработката со лејблот PAN.
Kouhei Matsunaga е култен продуцент, илустратор и звучен иноватор кој своето време го поминува помеѓу родениот град Осака (Јапонија) и Берлин, каде е еден од најзначајните артисти во берлинската техно и експериментална сцена. Издава за култни издавачки куќи како Raster-Noton, Skam, PAN и Mille Plateaux, додека импресивната листа на неговите музички соработници ја сочинуваат артисти како Mika Vainio, Merzbow, Sean Booth (Autechre), Sesnational (Jungle Brothers), Conrad Schnitzler, Mark Fell, Antipop Consortium...
NHK'Koyxen е псевдонимот кој Kouhei го користи за својата клубска техно продукција, а настапот во Скопје е дел од неговата прва поголема светска турнеа со овој проект, која опфаќа настапи во култни клубови ширум светот како Berghain, Fri-Son, Gesamkunstwerk...
Андреј Анчевски од колективот BTKRSH, смета дека Скопје заслужува редовни гостувања од ваков тип и локалната сцена е конечно спремна да оди едно ниво погоре.
„Kouhei Matsunaga е култна фигура на електронската сцена и ретко се пружа шанса за негов ангажман подалеку од неговиот дом во Осака или светските центри на алектронската музика. Кога примивме вест дека Kouhei е запознаен со нашата организација и е заинтересиран за настап на нашите забави во Скопје, остатокот беше само формалност. Овој настан не е само изолиран случај, туку почеток на една поголема серија на BTKRSH настани во Скопје, со артисти од каталогот на издавачките куќи Blackest Ever Black, PAN и Raster-Noton“, потенцираше Анчевски.
Забавата ќе биде надополнета и со настап на македонските артисти Martchin, Ogie, Andreas Hz, Marko Rikaloski и B.atl, а за визуелниот дел ќе се погрижat Abduct од Мексико, победник на VJ Torma Battle 2013 и локалните Lazy Kidz Visualz.
Моника Јовановска
