САД

Врховниот суд во Колорадо го дисквалификува Трамп од претседателската трка

20.12.2023 09:52

Доналд Трамп е дисквалификуван од трката за претседател на САД, по правило кое досега никогаш се нема применето во земјата. Врховниот суд во Колорадо донесе одлука со која името на Трамп е отстрането од предизборниот список на републиканците за изборите во 2024-та година …

Врховниот суд во Колорадо го прогласи поранешниот претседател Доналд Трамп за неподобен за шеф на Белата куќа, според клаузулата за бунт од Уставот на САД и го отстрани од прелиминарните избори за претседател на државата. Името на поранешниот претседател Доналд Трамп, не може да се појави на гласачкото ливче во сојузната држава на претседателските избори идната година. Мнозинството судии се повикаа на ретко користената одредба од американскиот Устав со која се забранува службени лица кои учествувале во „бунт“ да извршуваат функции.

„Мнозинството од судот смета дека Трамп е дисквалификуван да ја извршува функцијата претседател според Дел 3 од 14-тиот амандман“, напиша судот во одлуката.

Противниците на поранешниот претседател на САД задоволни од одлуката која се однесува само на републиканските прелиминарни избори на 5-ти март, но нејзиниот заклучок најверојатно ќе влијае и на статусот за општите избори на 5-ти ноември. Трамп вети дека ќе ја обжали пресудата до Врховниот суд на САД. Во меѓувреме, се обиде да ги одбрани критиките за неговите коментари за мигрантите кои ја преминаа јужната граница на Америка, негирајќи секакви сличности со фашистичките написи што другите ги забележале.

„Тие ни ја уништуваат земјата. И точно е дека ја уништуваат крвта на нашата земја, тоа е она што тие го прават. Но, мора да влезат легално бидејќи сега целиот систем е обземен и ниедна земја не може да го издржи ова“, изјави претседателскиот кандидат, Доналд Трамп.

Поддржувачите, исто така, сметаат дрка нема ништо лошо во изјавите.

„Тој не е расист. Верувам дека тоа е самиот темел на нашата земја, слободите што ги уживавме. И ние носиме луѓе кои се терористи. Верувам дека има терористи овде, на кои им е дозволено да дојдат во САД. Има многу корумпирани луѓе кои доаѓаат, но има и добри луѓе“, вели Мајк Хембли, од Ватерло, Ајова.

Во меѓувреме, се погласни се тврдењата дека и други судови низ САД се подготвуваат да донесат слични одлуки како Колорадо, со кои Трамп ќе има тешкотии да осигури републиканска номинација и да победи на изборите во ноември 2024 година, пишува „Вашингтон пост“.

 

Маријана Димовска