ЕУ

Построги процедури за доделување азил во Европската унија

20.12.2023 12:04

Постигнат договор за политички регулативи и правната рамка на ЕУ за азил и миграција.

Се воведуваат значително построги процедури за доделување азил во Европската унија. Постигнат договор за политички регулативи и правната рамка на ЕУ за азил и миграција. Претставници на шпанското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор којшто се однесува на сите фази на менаџирањето со азилот и миграцијата.

Утврдени се начините на проверката, процедурата, постапувањето по азилантските апликации, како и правилата со кои се одредува која земја членка на Унијата ќе биде одговорна да постапување по барањата. Според Левата група во Европскиот парламент, Пактот за миграција и азил е црн ден за ЕУ.

„Никогаш не мислев дека ќе ни требаат десет години да кажеме дека успеавме. Сега, Парламентот дојде на преговорите за миграцискиот пакт со многу прагматична линија. На Европа и треба цврста законодавна рамка која е иста во сите земји-членки, која функционира и штити, пристап кој е хуман и праведен со оние кои бараат заштита, Моите колеги успеаја да најдат баланс помеѓу солидарноста и одговорноста“, изјави Роберта Мецола, претседателка на ЕП.