Трамп доби забрана за изборите во Колорадо
Судот во Колорадо го дисквалификуваше Доналд Трамп од трката за претседател на САД и го отстрани од гласачкото ливче за прелиминарните избори во оваа сојузна држава. Трамп вети дека ќе ја обжали пресудата пред Врховниот суд…

Врховниот суд во Колорадо го прогласи поранешниот претседател Доналд Трамп за неподобен за шеф на Белата куќа и го отстрани од гласачкото ливче за прелиминарните избори за претседател на државата. Објаснувањето е дека не ги исполнува условите да биде номиниран од матичната, Републиканска партија. Мнозинството судии се повикаа на ретко користената одредба од американскиот Устав со која се забранува службени лица кои учествувале во „бунт“ да извршуваат функции.
„Мнозинството од судот смета дека Трамп е дисквалификуван да ја извршува функцијата претседател според Дел 3 од 14-тиот амандман“, напиша судот во одлуката.
Опонентите на Трамп од Републиканската партија не се задоволни од судската одлука. Според нив, гласачите треба да решат кој треба да биде кандидат за шеф на Белата Куќа.
„Не верувам дека некој суд треба да го спречи Доналд Трамп да биде претседател на САД. Мислам дека треба да биде спречен да биде претседател од гласачите на оваа земја“, изјави Кристи, републикански претседателски кандидат.
„Не ни требаат судии кои ги носат овие одлуки. Ни требаат гласачите да ги носат овие одлуки. Последното нешто што сакаме е судиите да ни кажат кој може и кој не може да биде на гласачкото ливче“, изјави Ники Хејли, претседателски кандидат на Републиканската партија.
Трамп вети дека ќе ја обжали пресудата пред Врховниот суд. Поранешниот претседател има можност да објави и независна кандидатура. Се обиде да ги одбрани критиките за неговите коментари за мигрантите, негирајќи секакви сличности со фашистичките написи што другите ги забележале.
„Тие ни ја уништуваат земјата. И точно е дека ја уништуваат крвта на нашата земја, тоа е она што тие го прават. Но, мора да влезат легално бидејќи сега целиот систем е обземен и ниедна земја не може да го издржи ова“, изјави претседателски кандидат, Доналд Трамп.
Се погласни се и тврдењата дека и други судови низ САД се подготвуваат да донесат слични одлуки со кои Трамп ќе има тешкотии да обезбеди републиканска номинација и да победи на изборите во ноември 2024 година. Поранешниот претседател има можност да објави и независна кандидатура.
Маријана Димовска
