Украина

Руски канонади врз Киев, повторно се разгорува бојното поле во Харков

20.12.2023 12:38

До половина милион војници е планираната мобилизација на Киев за наредната година од речиси двогодишната војна во земјата. Се појави кусок во бројот, поради 150 илјади украински загинати војници досега, проценија американски извори. Повикот е во тек, Русија добавува нова жива сила на боиштата...

Во пресрет на Божик според новиот календар, кој го прифати и за првпат го прославува Киевската патријаршија, руски канонади врз украинската престолнина, одново разгорување на бојното поле во Харков. До половина милион војници е планираната мобилизација на Киев за наредната година од речиси двогодишната војна во земјата. Се појави кусок во бројот, поради 150 илјади украински загинати војници досега, проценија американски извори. Повикот е во тек, Русија добавува нова жива сила на боиштата.

„Имам пријател којшто е на боиштето на истокот. Го поддржувам и финансиски кога можам. На тие војници им треба одмор. Ме повикаа, ќе одам“, вели Сергеј, мобилизиран украински војник.

Во рововите на Донбас, украинската војска со руски топови гранатира позиции на непријателот. Недостига муниција, страв меѓу војниците со што натаму ќе се борат.

„Најтешко ни е поради недостигот на муницијата. Мораме да се бориме, но останавме без гранати. Стреламе со тоа што ни остана, тоа е нашата задача. Вистина е дека сум малку заморен, речиси завршува втората година на војната“, изјави Володимир, командант на украинска единица.

Според западни извори, Русија добила и 150 илјади гранати од Северна Кореја.

Украинскиот претседател Зеленски ги демантира информациите за можна руска победа и освојување на Киев за три дена, но го потврди проблемот со муницијата.

„Русија не постигнала никаква победа. Што значат три дена. Минаа две години, нашите војници добро се борат. Работиме напорно на финансиската поддршка. Сигурен сум дека САД нема да не изневерат и дека тоа што го постигнавме со нив ќе се реализира“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Москва го искористи напредокот и состојбата на теренот одново да го потсети Киев за пропаднатите мировни преговори.

„Нека ги отворат очите и согледаат фактите, тоа е мировната формула. Сакаат да дојдат до мир без руско учество. Тоа е глупост без резултати“, нагласи Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.

Во почетокот на месецов, рускиот врховен командант нареди зголемување на трупите до милион и триста илјади војници.

Зоран Богатинов