Опера и балет

На роденденот на Ацо Шопов, премиера на балетскиот триптих „Молитви на моето тело“

20.12.2023 12:58

Стиховите на Шопов ги интерпретира актерот Никола Ристановски, кој исто така е вклучен во изведбата. Неговата специфична, тивка, но ритмична интерпретација во совршен спој се надополнува со музиката и кореографијата.

Со балетската претстава – триптих „Молитви на моето тело“ инспирирана од поезијата на големиот македонски поет, вечервс свечено ќе се затвори националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“ со која со низа настани се чествуваше големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот на современата македонска литература и култура.

Со оваа балетска претстава повторно се отстапува простор на тројца македонски кореографи и композитори кои создадоа комплексни и автентични следови вообличени во една целина. Трите дела ги обединуваат креативната сценографија и иновативна драматургија, придружени со современи мултимедиумски компоненти со кои се следат светските трендови.

Идејата за проектот е на костимографот Александар Ношпал за која се инспирирал пред сè од поезијата на Шопов, но и од една од најуспешните претстави на „НУ Опера и балет“ насловена како „Зодијак“ која пред повеќе години имаше извонреден успех кај публиката.

Драматуршката подлошка е на Соња Здравкова-Џепароска која потенцираше дека да се направи драматургија врз поезија е исклучително тешка задача, посебно кога се работи за поезија од бард на современата македонска книжевност. Особено деликатен е напорот литературната матрица да остане доследна на авторот.

Стиховите на Шопов ги интерпретира актерот Никола Ристановски, кој исто така е вклучен во изведбата. Неговата специфична, тивка, но ритмична интерпретација во совршен спој се надополнува со музиката и кореографијата.

Несомнено, најкомплексниот дел го имаат играчите чие искуство ќе биде забележано на сцената. Воочлива е и големата моќност на ансамблот. Сосема нов момент се вклучени визуализации, со што се постигнува мултимедијалност која дава дополнителна слоевитост на претставата.