Животна средина

Скопје меѓу најзагадените градови во светот

20.12.2023 13:30

Скопје во магла, еден од десетте најзагадени градови во светот. Мерните станици покажуваат високи концентрации на ПМ честички во центарот на метрополата. Граѓаните велат-тешко се дише…

Грејната сезона ги врати старите проблеми на скопјани. Загадувањето не само што се чувствува, туку и се гледа преку маглата што го покрива градот. Скопјани утрово се разбудија во густа магла, градот се најде на листата десет најзагадени градови во светот. Мерните станици покажуваат дека најалармантно е во Лисиче, Центар, Гази Баба и Карпош – таму штетните ПМ честички се неколку пати над дозволеното, а тоа сериозно влијае врз здравјето на луѓето, особено на повозрасните и на хронично болните.

Екологистите повторно апелираат надлежните да преземат долгорочни мерки за намалување на загадувањето. Да се инвестира во енергетска ефикасност, во поставување фотоволтаици, а тоа да го субвенционира државата преку Фондот за енергетска ефикасност. Високо ниво на загаденост освен во метрополата се забележува и во Кичево, во Струмица и во Велес.

И додека проблемот со загадувањето трае со години, последиците се загрижувачки. Според податоците на Институтот за јавно здравје – 20 проценти од смртните случаи или над 4.000 животи годишно се резултат на загадениот воздух.

Известува Андријана Ѓурческа