Влада

Ковачевски: По 40 години, рехабилитиран регионалниот пат Битола-Меџитлија

20.12.2023 13:39

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на рехабилитираниот регионален пат Битола-Меџитлија, чија што рехабилитација заврши и патот е пуштен во употреба...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на рехабилитираниот регионален пат Битола-Меџитлија, чија што рехабилитација заврши и патот е пуштен во употреба. Премиерот Ковачевски посочи дека инвестицијата за рехабилитација на овој патен правец во должина од 12,5 километри е во вредност од 3,28 милиони евра.

„Овој патен правец кој децении наназад бил запоставен, а сега рехабилитиран, е од исклучително значење, особено што се работи за дел од европскиот Коридор 10-д, кој нè поврзува со нашиот јужен сосед. На целиот Коридор се работи навистина интензивно и тоа на сите делници што на крајот ќе резултира со модерен патен правец од Коридорот 10, поврзување со Коридорот 10-д преку Прилеп, Битола, до границата со Грција. Со тоа целиот овој регион добива нов инфраструктурен лик“, изјави премиерот Ковачевски, во неговото обраќање на настанот, потенцирајќи дека резултатите на Владата се видливи.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта, се реализираат повеќе проекти во делот на инфраструктурата во Пелагонискиот Регион.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми рече дека денеска, заедно со премиерот и министерот за транспорт и врски, официјално ја одбележуваат завршената рехабилитација на државниот пат А3, делница Битола-Меџитлија.

При тоа, премиерот Ковачевски посочи дека во Пелагонискиот Регион активно се работи на повеќе инфраструктурни проекти како што автопатот Прилеп-Битола, патниот правец Градско-Прилеп, рехабилитацијата на патните правци до помалите населени места, Нижополе, Ротино, Бучин, Житоше, Демир Хисар, а оваа година се предвидени рехабилитации и на патните правци што водат до Лопатица, Могила и Будаково. За идната година се обезбедуваат средства за изградбата и на нов експресен пат Битола-Меџитлија со обиколница околу Битола, за кој веќе има одобрен инфраструктурен и ревидиран основен проект, притоа водејќи грижа и за животната средина.