Израел

Во Египет разговори за нов договор за хуманитарно примирје меѓу Израел и Хамас

20.12.2023 14:23

Во Египет се водат интензивни разговори за евентуално ново хуманитарно примирје. Ставовите спротивставени-Израел нуди седумдневен прекин на огнот во замена за заложници. Хамас бара крај на израелската агресија. На терен-борбите се разгоруваат.

Неизвесен договорот за ново хуманитарно примирје меѓу Израел и Хамас за кој се преговара во Египет. Израел нуди седумдневна пауза, ослободување 40 жени, изнемоштени и болни заложници во замена за палестински затвореници. Ставот на Тел Авив претходно го истакна и претседателот Херцог.

Израел е подготвен за уште една хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош, со цел да се овозможи ослободување на заложниците. Одговорноста е целосно на лидерот на Хамас, Синвар и нивното раководство“, изјави Исак Херцог - претседател на Израел.

Хамас тврди дека е подготвен на компромис, но само доколку Израел ја прекине војната. Велат-нема да ја играме оваа игра, да ослободиме заложници за нова рунда масовни убиства. Повторно објавија видео од заложници со надеж дека ќе го зголемат притисокот врз тел Авив.

„Бараме од израелскиот премиер и сите носители на одлуки да направат сè што е потребно за прекин на огнот за да постигнеме договор за размена на заложници и да се вратиме дома. Не сакаме да умреме во Газа, нашите животи се во опасност“, Елад Кацир - заложник.

На терен-борбите се разгоруваат. Израелската одбрана тврди дека уништила 300 цели на терористичката група, преземајќи целосна контрола врз Џабалија. Дополнителни бригади се распоредени во јужен Кан Јунис.

„Тоа е акција што ќе се одвива во различни фази, ќе бидат потребни месеци додека не ги достигнеме нашите цели, но нема да попуштиме додека не ги фатиме главите на оваа убиствена организација“, изјави Јоав Галант - министер за одбрана на Израел.

„Ова не е живот. Немаме ништо. Живееме во агонија и борба. Прекинете ја оваа војна“, изјави Самар Абу Лули - жителка на Газа.

Во истовреме, во Појасот пристигнуваат конвои со хуманитарна помош. Египет и САД договорија соработка која ќе го спречи раселувањето на палестинците од нивната земја. Гласањето за нацрт-резолуцијата за војната во Газа повторно беше одложено, на предлог на Обединетите Арапски Емирати, за да се избегне американското вето.

 

Бојана Крстевски