Евроинтеграции

Маричиќ: Неопходно е завршувањето на обврските

20.12.2023 14:26

Уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо. Напротив ја прави европската перспектива на земјата реална и остварлива, нагласи Маричиќ.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска се обрати на заедничката седницата на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања при Собранието на Република Северна Македонија на која се разговараше за успешниот состанокот на Европскиот Совет од кој, како што се очекуваше, стигнаа охрабрувачки пораки за проширувањето на Европската Унија, од земјите членки дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан е извесна и остварлива.

Подготвени сме за следната фаза од преговорите, за која неопходно е завршувањето на обврските од Преговарачката рамка за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, којашто ја усвоивме на 19 јули 2022 година. Уставните измени се влог за нашата иднина, без да изгубиме ништо. Напротив ја прави европската перспектива на земјата реална и остварлива, нагласи Маричиќ.

Како институција задолжена за координација на евроинтегративниот процес, Секретаријатот за европски прашања уште во јуни оваа година започна со активности за подготовка на овие документи, преку континуирани средби и консултации со сите надлежни институции. При подготовката на сите документи, нашата администрација пред се ги имаше во предвид Скрининг извештајот за Кластер 1 и Извештајот за напредокот на државата, при што се обидовме да ги адресираме најголмите недостатоци во клучните области.

Паралелно со ова, СЕП во координација со МНР започна со подготовка на нацрт Акциски план за заштита и унапредување на правата на припадниците на малцинствата и заедниците, кој треба да се гледа во корелација со патоказите, пред сѐ со тој за владеење на правото.

Во своето обраќање вицепремиерот Маричиќ им се заблагодари на сите вклучени институции, вработените во Секретаријатот за европски прашања, релевантните министерства кои вредно работеа на скринингот и беа од најголем придонес за успешниот исход. ​