Каков е ефектот на системот за пронаоѓање исчезнати лица?
Двојното убиство го крена алармот кај властите. Најавија апликација, за полесно пронаоѓање на исчезнати лица наречена „Најди ме“, која во светот функционира веќе години наназад. Србија исто како и Македонија на потежок начин воведе систем кој им помага на истражните органи полесно да ги најдат изгубените деца. Македонската телевизија денеска продолжува со истражувањето за тоа каков е ефектот од ваквиот систем кој се очекува наскоро да профункционира и кај нас…

Речиси еден месец откако Панче не се врати дома, а малата Вања не ни сонуваше дека тоа ќе биде нејзиното последно излегување преку куќниот праг. Беа киднапирани и убиени. Јавноста го чека обдукцискиот наод кој сè уште не стигнал до Обвинителството.
Во земјава се воспостави системот „Најди ме“, а во соседна Србија го има веќе два месеци. Но, досега ниту еднаш не е активиран, не е пуштена ниту една СМС-порака, ниту имало прекин на програмата, ниту се вклучиле институциите. И цела среќа што е така, вели за МТВ колешката Спасиќ од српски „Курир“.
„Најважно е дека нашето известување и после воведувањето на системот „Пронајди ме“ ќе биде како и претходно, секогаш почитувајќи ги елементарните постулати на новинарската професија. Најважно е што информациите ги земаме секогаш од официјални извори или доколку немаме официјални информации ги земаме од два независни кредибилни извори. На пример во случајот со серискиот силувач, имавме први информација за девојчето, но ние не ја објавивме во корист на истрагата. Таа беше пронајдена жива и здрава. Така ќе продолжиме“, изјави Јелена Васиќ, новинарка на „Курир“-Србија.
Во минатите два месеци исчезнати деца имало шест на број. Зошто не е покренат системот одговорот е во полицијата која оценува дали се исполнети критериумите за да се активира „Пронајди ме“, велат од организацијата која е носител на неговото воспоставување.
„Доколку системот се покрене, тој нема да го загрози животот на детето. На пример, системот би требало да реагира и да се вклучи во неодамнешната ситуација во Македонија“, изјави Александар Каров од Центарот за исчезнати и злоупотребувани деца.
Според податоците на Центарот во Србија, само минатата година имало 1.500 исчезнати деца од кои четири не се пронајдени.
Фиљана Кока
