Сè уште се кршат копја околу составот на Државната изборна комисија
По вчерашните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски дека ќе ги повлече своите претставници ако остане празно столчето на албанската опозиција, премиерот Ковачевски вели-очекува собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата да работи согласно законот во кој е регулиран составот на ДИК…

Додека се чека Комисијата за избор и именување да го утврди кандидатот за член на Државната изборна комисија, албанските опозиционери со став, ако не го добијат местото во ДИК, ќе ги искористат сите демократски права и нема да дозволат, како што вели Касами, да има нефер избори. Очекуваат изборот да биде пред формирање на техничката влада.
И Мицкоски на иста линија. ВМРО-ДПМНЕ се закани дека ќе ги повлече своите претставници во Комисијата, ако таа не биде комплетирана според законот. Ковачевски очекува собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата да го примени законот, во кој точно е наведен составот на Државната изборна комисија.
Во трката за празното столче во ДИК се Адбуш Демири од Европски сојуз за промени и Зулфи Адили, од Европската народна партија на Аријанит Хоџа, кој ја напушти Беса. Членот на Државната изборна комисија последниот филтер треба да го помине на собраниска седница. Се избира со двотретинско мнозинство.
Премиерот Ковачевски најави средба со сите парламентарни партии за распределба на ресорите во техничката влада, но без присуство на медиумите. Датумот засега не е прецизиран. ВМРО-ДПМНЕ прифаќа учество во пржинската влада, 100 дена пред избори, но не ја поддржува.
Во меѓувреме партиски комбинаторики и за претседателските кандидати и носителите на листи. Течат и консултациите за евентуалната соработка за изборите. Меѓу СДСМ и ДУИ сè уште нема договор. Албанскиот опозициски фронт обединет.
Наташа Гркова-Петрушевска
