Евроинтеграции

За следната фаза од преговорите неопходно е исполнување на обврските

20.12.2023 15:41

Пред Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, нацрт-патоказот за владеење на правото и за реформа на јавната администрација. За следната фаза од преговорите неопходно е исполнување на обврските од преговарачката рамка-уставните измени се влог во иднината, посочи вицепремиерот Маричиќ. За претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Николоски, главен проблем за блокадата се криминалот и корупцијата на власта…

Подготвени сме за следната фаза од преговорите, за која е неопходно завршувањето на обврските од Преговарачката рамка за пристапување во Европската унија, вели вицепремиерот Маричиќ со став дека уставните измени се влог за нашата иднина. Во ноември официјален Брисел ги испорача условите под коишто Македонија може да ги отвори преговорите за Кластерот 1 Фундаментални вредности, откако ќе се заврши фазата на пристапните поговори во која ќе бидат подготвени и донесени двете одредници-патоказот за реформи во јавната администрација и владеење на правото.

Владеење на правото не е нешто со што може да се пофали власта-рече претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски. Според него, високото ниво на корупција и криминал за кои посочуваат и европските дипломати, ѝ овозможува на Бугарија и понатаму да продолжи со условувањата за уставните измени.

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Адеми вели дека не се согласува со тезата за одложување на уставните измени, бидејќи со тоа се оддалечуваме од европскиот пат и расте евроскептицизмот во земјава.

Членовите на комисијата од опозицискиот блок со став дека не можат да ги решат проблемите кои тие ги генерираа, и дека сето тоа ќе се промени по промена на власта на претстојните избори, додека пак пратениците од владејачкото мнозинство велат дека треба да продолжиме по евроинтегративниот пат без условување за уставните измени.

Марина Стојанова-Тонева