Континуиран раст на осигурителниот бизнис

05.06.2014 13:58

Надлежните велат дека растот се должи на зголемената макро- економска стабилност, како и на повисоката свест на граѓаните за потребата од осигурување. Сепак, ексепрти советуваат- добрата супервизија е клучна за довербата во системот...

Осигурителниот сектор во земјава бележи континуиран раст, и во делот на животното и во делот на неживотното осигурување. Во последниве пет години, годишната стапка на раст кај животното осигурување изнесува цели 20 проценти, додека кај неживотното, покриеноста со полиси достигна 4,5 насто.

Надлежните велат дека растот се должи на зголемената макро- економска стабилност, како и на повисоката свест на граѓаните за потребата од осигурување. Сепак, ексепрти советуваат- добрата супервизија е клучна за довербата во системот.

„Во врска со придонесот за раст во овој сектор, би ја советувал Македонија пред се да обезбеди солидна супервизија на агенциите за осигурување. Дојдов да ја поддржам оваа конференција  затоа што верувам дека Агенциите за супервизија на осигурувањето и начинот на којшто се обидуваат да ги воведат најдобрите практики од Европа и даваат солидна основа на вашата земја за старт на осигурителната индустрија. Во Европа постојат и неколку случаи за несоодветна супервизија што и наштети на оваа индустрија. Осигурениците ја загубија довербата во агенциите, а довербата е витална кога некој купува осигурување“, објаснуваат експертите.  

Вакво сценарио во Македонија според домашниот регулатор е невозможно.

„Во просек, осигурителната индустрија, друштвата за осигурување, се солидно и добро капитализирани. Четири пати повеќе од минимално потребното. Тоа кажува дека друштвата за осигурување имаат доволно финансиска сила да можат да ги сервисираат преземените обврски“, нагласи претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски.

Агенцијата за супервизија лани примила 148 претставки, од кои половина се решени во корист на осигурениците. За поголема доверба во системот, веќе се размислува за воведување на функциите медијатор и финансиски правобранител.

Во моментов во земјава функционираат 15 осигурителни друштва, од кои 11 кај неживотното и 4 кај животното осигурување.

 

Мартин Пушевски