На светската листа најзагадени градови, Скопје денеска меѓу првите 10
Минусните температури го ставија Скопје во првите 10 на листатa најзагадени градови, покажуваат параметрите на платформата „Ај-Кју Ер“. За Арсовска податоците не се релевантни...

И ова зимско утро граѓаните се разбудија во густа магла и чад. Скопје е десетти на листата најзагаден град во светот. Според мерните станици најалармантно е во Лисиче, Гази Баба, Центар и во Карпош.
Во овие општини штетните ПМ-честички се неколкупати над дозволеното, а тоа сериозно влијае врз здравјето на луѓето, особено на повозрасните и хронично болните.
„Ова загадување е болест, луѓето не можат да дишат. Астма, бронхит“.
„Тешко дишење, главоболки, многу, многу е лошо“.
„Поткашлувам, наутро има некој чуден мирис, наутро станувам рано и чувствувам“.
„Многу е загадено во Скопје, од автомобили, од се, штети на човекот“.
Грејната сезона, односно начинот на кој се загреваат домовите е најголем причинител за загадувањето, затоа екологистите алармираат да се инвестира во енергетска ефикасност, како и загревање со обновливи изворите на енергија. Дополнителен проблем се сообраќајот, градежништвото и отпадот во периферните делови од градот.
„Државата ќе мора да направи јасен и прецизен акциски план поткрепен со соодветни финансиски средства кои ќе овозможат стимулација на употребата на алтернативните технологии на загревањето на домовите, но подеднакво важна е и енергетската ефикасност на станбените објекти. Секако потребна ни е и дополнителна регулаторна рамка која ќе го гарантира зеленилото во град Скопје“, изјави Кирил Ристовски, Центар за еколошка демократија „Флорозон“.
И додека проблемот со загадувањето трае со години, последиците се загрижувачки. Според податоците на институтот за јавно здравје – 20 проценти од смртните случаи или четири илјади животи годишно се резултат на загадениот воздух.
Андријана Ѓурческа
