Македонија

Претседателот Пендаровски се обрати на промоцијата на проектот „Иднината почнува дома“

21.12.2023 08:44

Можностите за успех и развој на вашиот потенцијал мора да обезбедиме да ги имате, најпрво, дома. Вие сте и потребни на државата, но, државата и реалниот сектор мора да ви овозможат најдобри услови за вашите кариери навистина да ги градите тука.

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на промоцијата на проектот „Иднината почнува дома“, иницијатива на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Стопанската Комора која има за цел да поддржи индивидуалци кои се истакнуваат во своите области на делување, прават позитивна разлика и работат посветено како важни делови од обликувањето на иднината на нашата држава.

Пендаровски изјави дека секогаш му било пријатно чувството кога го дели подиумот со млади и амбициозни луѓе, подготвени да направат позитивна промена во општеството. Посебно сум задоволен што сум сведок на создавањето на една нова иницијатива која има потенцијал, на долг рок да влијае врз обликувањето на иднината на младите кај нас.

Вашето мото „Двигатели на промени“, е совршен спој на младешката енергија и креативност и мудроста на повозрасните и поискусните, што е добитна комбинација за заеднички успех.

Денес, во време на неверојатен технолошки развој во светот, промените се единствената константа, а потребна е храброст да се прифатат новите концепти и макотрпна работа тие да се имплементираат. Овде, меѓу нас има поискусни луѓе од кои младите, идни претприемачи имаат што да научат. Во ТИРЗ имаме и странски компании кои инвестираат и имплементираат најнови технологии.

Можностите за успех и развој на вашиот потенцијал мора да обезбедиме да ги имате, најпрво, дома. Вие сте и потребни на државата, но, државата и реалниот сектор мора да ви овозможат најдобри услови за вашите кариери навистина да ги градите тука. Ако Вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која сте дел, но, и за вашите родители и најблиски. Тоа е и моја надеж како родител.

Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива. Прифатете ја можноста да бидете двигател на промени, да придонесете за напредок на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина. Заедно, низ партнерски однос и соработка, добрите резултати ќе бидат неминовни.

Се заблагодари на сите вклучени во организирањето на овој настан и самата иницијатива.