Финансиска поддршка

Николовски: Преку ИПАРД добиваме модерно и развиено европско земјоделство дома

21.12.2023 10:03

Реализацијата на инвестициите преку ИПАРД програмата, покрај за земјоделството, придонесуваат и за развојот на целокупната економија на државата. Преработувачките капацитети се развиваат, се зголемува извозот на домашни производи, се отвораат нови работни места, потенцираше Николовски.

„ИПАРД е нашата успешна приказна, најголем успех со кој сите треба да се гордееме. Ние сме земја лидер во регионот по реализација на ИПАРД програмата и тоа по неколку основи. Имаме најголема 100% реализација на ИПАРД програмата, нула евра повраток на средства и први во регионот започнавме со реализација на новата ИПАРД 3 програма“- истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на панел-дискусијата „Како интеграцијата во ЕУ ги зајакнува македонските земјоделци“ одржана во рамки на кампањата на владата „Европска иднина, поблиску од кога било“.

„Речиси и да не постои село или град во кој што ја нема таблата на реализиран проект. И ова не се празни зборови кои ние секогаш ги потврдуваме и секого во очи го гледаме кога зборуваме за ИПАРД заради тоа што зборуваме со факти и аргументи коишто се лесно проверливи и коишто се докажуваат. Нашиот успех е потврден од Европската Комисија, којашто за новата ИПАРД 3 програма ја зголеми 62 проценти програмата, односно за 62 проценти го зголеми буџетот и ако во ИПАРД 2 имавме на располагање 60 милиони евра, сега во ИПАРД 3 имаме програма којашто први ја започнавме од сите земји кориснички на ИПАРД имаме 97 милиони евра неповратни европски средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство. Тоа значи нов зголемен, неповратен ЕУ буџет, наменет за модернизација и развој на нашето домашно земјоделство“, рече Николовски.

Реализацијата на инвестициите преку ИПАРД програмата, покрај за земјоделството, придонесуваат и за развојот на целокупната економија на државата. Преработувачките капацитети се развиваат, се зголемува извозот на домашни производи, се отвораат нови работни места, потенцираше Николовски.

Една од главните цели на Владата е младите да останат дома, а токму ИПАРД програмата дава предност за младите земјоделци и до 70% финансиска поддршка на планираната инвестиција. Покрај ИПАРД програмата, младите земјоделци на располагање имаат и други мерки за поддршка, преку националните програми.