„Иднината почнува дома“-промовиран нов проект на ТИРЗ и Стопанската комора
Целта на иницијативата е креирање платформа преку која веќе успешни млади ќе ги мотивираат младите...

ТИРЗ и Стопанската комора на Северна Македонија започнаа нов концепт и соработка под мотото „Иднината почнува дома“, кој промовира млади визионери, креатори, двигатели на идните промени. Целта на иницијативата е креирање платформа преку која веќе успешни млади ќе ги мотивираат младите. Младите кои се дел од проектот се успешни луѓе од различни сфери – од домашни компании, од компании во ТИРЗ како и средношколци и студенти.
Во своите обраќања, претседателот на државата Стево Пендаровски и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски истакнаа дека целта на проектот е да ги инспирира и охрабри сегашните и идните млади да градат кариери во земјава, да покажат и мотивираат со сопствените примери дека иднината може да почнува дома.
Пендаровски порача дека младите и се потребни на државата, но дека и државата и реалниот сектор мора да им овозможат најдобри услови за нивните кариери навистина да ги градат тука.
„Ако вашата иднина ја градите тука, тоа ќе биде важно за државата, за локалната заедница од која сте дел, но и за вашите родители и најблиски. Да бидам искрен, тоа е и моја надеж како родител. Го охрабрувам секој од вас да биде активен учесник во оваа иницијатива, прифатете ја можноста да бидете двигатели на промените, да придонесете за напредокот на земјата и самите да ја обликувате сопствената иднина“, рече Пендаровски.
„Наша цел е младите да ги задржиме во државава“, изјави Деспотовски и посочи дека целта е да не се зборува за политика, туку поддршка на младите да зборуваат сами за себе и своите успеси, како мотивација за сите млади.
Целта која уште пред неколку години си ја поставивме во ТИРЗ за европски работни места, добро платени работни места сакаме да се прошири на општество, додаде Деспотовски.
На промоцијата на проектот се обратија и по еден претставник од номинираните од листите на Стопанската комора и на ТИРЗ – Андреја Серафимовски од АД Гранит Скопје и Николија Златевска, ученичка во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје.
Средношколката Златевска се заблагодари за номинацијата за „двигател на промени“ и рече дека тоа за неа е голема одговорност.
Инаку во рамки на проектот, десет млади се номинирани за „двигател на промени“ од ТИРЗ и Претседателот, а десет се номинирани од Стопанската комора. Ова се примери на луѓе кои успешно градат кариера, започнуваат или наследуваат бизниси. Покрај нив, оваа прва листа на номинирани ќе содржи уште 12, за да се стигне до вкупно 32 млади што ќе симболизира 32 години од независноста на државава и нејзиниот иден раст и развој. Тие 12 ќе ги номинира јавноста – граѓаните до 10 јануари 2024 преку креираната веб-страница на проектот (idninadoma.mk) ќе можат да предложат некого што познаваат за кој сметаат дека заслужува да се најде на листата „локален херој, инспиративен едукатор, иновативен претприемач или страстен активист“.
