Охрид

Купишта отпад на дното на Охридското Езеро

21.12.2023 12:09

Со децении се работи на подигање на еколошката свест на населението, сепак, се чини дека тие напори не допираат до дел на граѓаните. Оние, најнесовесните, сметаат дека Охридското Езеро е депонија каде што можат да одлагаат најразлични видови отпад, поради што треба да се размисли за воведување на ригорозни контроли и построга казнена политика...

Шпорети, машини за перење, килими, градежен шут и други видови отпад се само дел од она што нуркачите го отстрануваат од дното на Охридското Езеро. Од тоа што годинава го отстраниле од езерското дно, може да се опреми неколкукатен станбен објект, велат нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“, коишто повеќе од две децении го чистат отпадот што несовесните граѓани го одлагаат во езерото.

„Еколошката свест е сè уште на многу, многу ниско ниво и ако не се преземе некој радикален чекор или институциите не преземат, ние, и 50 нуркачи да влеземе, и 500 нуркачи, ние ќе извадиме, меѓутоа ако некој фрла, тоа не може да се поправи. Мислам дека има минимално подобрување, меѓутоа, уште состојбата е алармантна“, изјави Горан Балевски, претседател на Клубот за подводни дејности „Охрид“.

Она што уште повеќе загрижува е податокот дека покрај загадувањето на езерото крај населбите, отпадот сè повеќе се одлага на најатрактивните простори од Свети Наум до Пештани.

„Да ги спомнам изворите во Свети Наум, и колку да ни изгледаат чисти. Лани имавме една акција во изворите, дури и таму ќе се најдат остатоци, шишиња, стакла и други работи. Значи нонстоп се чисти и нонстоп, некако, истиот проблем го имаме секоја година“, вели Емил Јовановиќ, нуркач.

Нуркачите алармираат за што поскоро организирање акција за расчистување и на металните столбови и конструкции, што останаа по отстранувањето на дивите платформи на потегот од пристаништето до Канео.

Тие, според нив, не само што го нагрдуваат езерото, туку претставуваат сериозна опасност за капачите во текот на летото.

 

Сашо Нелоски