Здравство

Нова надеж за болните од цистична фиброза- „Трикафта“ пристигна на детската клиника

21.12.2023 12:27

Набавена е „Трикафта“ за следниве месеци, обезбедени се средства и за наредните две години. Ова значи дека ќе продолжи лекувањето на оние кое веќе добиваат „Трикафта“, но ќе се почне со третман и на нови болни …

Лекот „Трикафта“ е веќе на Универзитетската клиника за детски болести. Со 100 милиони денари набавена е терапија за следните месеци. Дополнително предвидени се 854 милиони денари за лекот, за 2024-та и 2025-та година, со што во следните две години пациентите со цистична фиброза се обезбедени со терапија, изјави на денешната прес-конференција во Владата, министерот за здравство Фатмир Меџити.

Пациентите со цистична фиброза, како што соопшти министерот, етапно се вклучуваат на терапија, согласно протоколот и прецизни критериуми на евалуација, се одлучува за добивањето терапија. Листата на пациенти е направена од страна на стручна комисија, по направени медицински прегледи на сите пациенти со цистична фиброза, според бодирање.

Лекот „Трикафта“ е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција. Ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив. Лекот во Европа е стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза.