мз

Николовски и Спасовски: Ја продолжуваме успешната соработка помеѓу Шумската полиција и единиците на МВР

21.12.2023 13:02

Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа работен состанок помеѓу министрите Николовски и Спасовски и претставници на Шумската Полиција и единиците на Министерството за внатрешно работи. По состанокот двајцата министри дадоа изјави за медиумите...

Темата на средбата беше заедничката соработка помеѓу двете министерства во борбата против бесправна сеча на шумите.

Подготовките за заедничко делување започнаа летово, при што најпрво беа разгледани критичните точки на бесправни сечи. Во август е извршен теренски увид, по што следеше преземање на повеќе акции на целата територија, со заеднички патроли на Шумската полиција, МВР и ЈП Национални шуми.

„Од страна на Шумската полиција од јануари-ноември вкупно се поднесени 1258 прекршочни пријави, 197 кривични пријави, од МВР до шумската полиција 95 пријави, од шумска полиција до МВР 21 пријава. Привремено одземени предмети и средства се 76 товарни моторни возила, 207 патнички моторни возила, 42 трактори, 49 тракторски приколки, 126 моторни пили. Привремено одземената дрвна маса изнесува 2148 метри кубни огревно дрво, 103 метри кубни техничко дрво и 431 останато техничко дрво“, потенцираше министерот Николовски и детално ги образложи заедничките акции кои оваа есен се спроведоа на територија на целата држава.

Една од најуспешните беше големата полициска акција која беше организирана на 19 и 20 септември 2023 год. на место викано Рамно-Скопска Црна Гора, каде што во заедничка акција од слобода беа лишени 10 лица кое се затекнати на лице место при бесправна сеча. На лице место беа пронајдени 4 товарни возила натоварени со огревно дрво, 1 патничко возило, 3 моторни пили и 400 метри кубни бесправно исечено дрво. По целосно документирање на случајот во координација со Јавен обвинител, поднесени се кривични пријави по член 226 од Кривичниот Законик. Неколку дена подоцна, повторно на истата локација, повторно е спроведена акција во Рамно-Скопска Црна Гора, каде што се запленети 3 товарни моторни возила и 35 метри кубни бесправно исечено дрво.

Во текот на октомври и ноември, реализирани се повеќе заеднички акции. На планинскиот врв Стрижак на планината Јабланица, лишени се од слобода 2 лица. На лице место се пронајдени 1 патничко возило, багер, пили, секири и 25 метри кубни огревно дрво и други предмети поврзани со кривично дело.

Министерот Спасовски нагласи дека со преземање на раководењето со МВР, борбата со овој вид криминал е поставена високо на агендата на министерството и полицијата, бидејќи шумите се непроценливо богатство и природен ресурс кој не се обновува брзо.

Вкупно од 2020 до денес, од страна на Шумската Полиција, поднесени се над 6.000 прекршочни и кривични пријави до надлежните служби и изречени се над 3.100 правосилни пресуди. Привремено се одземени над 10.000 метри кубни дрвна маса од огревно дрво, трупци и друго техничко дрво, а над 1.100 метри кубни дрвна маса е останата на лице место поради неможност за транспорт. Одземени се 248 товарни возила, 1.009 патнички моторни возила, 112 трактори, над 400 приколки и запреги, 471 моторни пили, 122 рачни пили и над 400 секири и друга опрема за сечење дрва.

Шумската Полиција, заедно со единиците на МВР, работеше и на промотивни кампањи со цел подобра информираност на граѓаните. Делени беа флаери и постери во сите населени места со телефонски броеви за дојава, на кои секој граѓанин можеше да пријави бесправна сеча и шумски пожари.

Шумската полиција има клучна улога во сузбивањето на организираниот криминал во делот на пустошењето на шумите. Од тие причини, значително се подобрени условите за работа. Шумско-полициските станици се опремени со канцелариски мебел, компјутери и интернет. Шумската полиција, после 12 години доби нови униформи и чизми, секој шумски полицаец доби два сета летна и зимска униформа. Решени се правата и обврските за личен доход, се исплќаат додатоците и надоместоците согласно Законот за работни односи (ноќни смени, празници, работа во ден на неделен одмор, сменско работење, хранарина во ноќна смена, регрес за годишен одмор и додаток од 30% како Овластени службени лица поради видот, природата и сложеноста на работата). Дополнително, минатата година Шумската полиција доби и донација во униформи и опрема од Италијанските карабинери.

Министерот Николовски и министерот Спасовски упатија јавна благодарност до сите шумски полицајци и благодарност до единиците на МВР, со чија помош успешно се реализирани заеднички акции од поголем обем и заеднички е спречена нелегалната сеча на шумите.